Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) испрати допис до Општина Струга по извршениот вонреден инспекциски надзор на опожарената трска кај селото Калишта, со укажување дека е одговорна за управување и спроведување мерки и активности за заштита и промовирање на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и спречување негативни активности.
– Имателите на светско природно и културно наследство во Охридскиот регион се одговорни за одржувањето, чувањето, почитувањето и правилното користење на природното и културното наследство. Општина Струга како имател на светското природно наследство треба да постави знак за светското наследство на начин определен во (членот 20 став) и преземање мерки што произлегуваат од планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион – информира Државниот пазарен инспекторат.
Вонредниот инспекциски надзор беше извршен на 17 март, годинава, по добиена медиумска информација за опожарување на трските во Охридското Езеро во близина на струшкото село Калишта.
– Инспекцискиот надзор е извршен на потегот помеѓу Струга и селото Калишта, каде што при увидот со Записник за констатација е константирано дека на брегот од Охридското Езеро има уништување на трска и друга вегетација, со опожарување во должина од околу 450 метри и ширина од 50 метри лево од пешачката патека, која води од Струга кон Калишта, а десно меѓу патеката и регионалниот пат Струга – село Калишта имаше запалена вегетација на две локации. Дел од изгорената трска и вегетација не е опожарена пред временскиот период кога е извршен надзорот, бидејќи има појава на обновување, односно раст на нова вегетација. Поднесено е барање за покренување кривична постапка до Основно Јавно Обвинителство на РМ-ОЈО Струга за сторено кривично дело „Загадување на животна средина и природата”, стои во информацијата на Инспекторатот.
