Девојчиња и момчиња учат лозаровинарски занает во средното Земјоделско училиште во Кавадарци, но уриваат и предрасуди, покажувајќи дека нема женски и машки професии, туку има професии кои се работат со љубов.
На тема лозарство и винарство, МИА поразговара со дел од учениците и наставниот кадар, во воспитно образовната установа која постои 66 години.
Многу е важно да не ти загори казанот
Марија Темова од Росоман има 18 години, таа е матурантка. Ми раскажа дека помага во семејното производство. Била дел од различни средношколски проекти, учествувала на повеќе училишни размени со други земји. Била дел од посети на винарии и размена на информации, на тема лозаровинарство.
– Многу си го засакав училиштето, овде има толку многу што може да се научи. Ова е Тиквешијата, лозаровинарството е главна земјоделска гранка. Занаетот почнав да го учам од дедо ми, кој исто така тука се школувал, а го усовршувам благодарение на професорите покрај кои ги надополнувам знаењата. Повеќе сакам вино да правам. Во иднина би сакала да дипломирам енологија и да отвориме наша семејна винарија. Зошто да не и еден објект со ресторан и сместувачки капацитети, за организирани дегустации и вински тури за љубители на вино, ракија и други производи од грозје. Мислам дека иднината на регионот е во винскиот туризам – децидна беше Темова.
Пази да не ти загори казанот, е еден од советите што ги добил младиот Митко Кимов од Кавадарци, кој потекнува од семејство кое обработува околу 80 декари лозов насад.
– Се случувало да ме остават сам крај казанот да го надгледувам додека се пече ракијата. Се случувало исто така да му ставам нешто повеќе дрва на огнот. Тогаш може комињето во казанот да загори, поради создадената висока температура. После тоа, тешко се чисти. Е сега, за да не настане загорување, исто така ми кажаа и тоа ми се врежа во главата, дека комињето од сомелено грозје не треба да има многу гроздови семки. Или, како што еве веќе разговараме со професорот Коце Попов за можно решение, на дното од казанот да се стават гранки, за да не падне скроз долу цврстиот дел од комињето, семки лушпи и месест дел, од ферментирана гроздова каша, туку потечниот. Може исто така да се стави чиста вода на дното, како изолација, за да не загори казанот, сподели тој.
Тајните на лозаровинарскиот занает, започнал да ги учи од деда си и татка си. Стандардно секоја година во неговата фамилија се произведувала ракија. Лани прв пат и вино, откако почнал да се школува во земјоделското училиште, а го произвел со помош на татко му и вујко му.
– Од мал сум по нивите, дури и сум спиел на лозовиот насад додека сме ги наводнувале виновите лози. Мачна е лозарската работа, не е лесна. Но убаво е кога ќе се видат резултатите од трудот. За домашни потреби, ние и понатаму ќе произведуваме ракија и вино – рече Кимов.
Дупнати буре и вреќа, истечени шира и вино
Славче Цветков е една година помлад од Темова, а заедничко со неа му е тоа што и тој сака во иднина да стане енолог и да има семејна винарија. Потекнува од неготинското Долни Дисан, кое важи за едно од местата во кои се произведуваат најубавите македонски вина и ракии. Неговото семејство има околу 70 декари под лозов насад.
– Откако паметам за себе, моите постојано ме имаат носено по нивите. Вклучен сум во сите земјоделски работи, уште од многу мал. Понекогаш е тешко да се биде лозар, понекогаш не. Понекогаш ми е мачно да станам многу рано и да работам на поле, долго време да бидам изложен на сонце на жешко време. Дедо ми правеше ракија и вино, благо црвено вино. Кога почнав да се школувам со намера еден ден да станам енолог, посакав и направив и бело вино „темјаника”, со помош на стручни совети од мојот професор Глигор Бојков. Прв пат се обидов и успеав да произведам квалитетно вино. Прво па машко, велат блиските околу мене. Среќен сум што ја продолжувам дедовата традиција. Се надевам дека во иднина фармерството овде ќе биде поценето и попочитувано, како во некои други земји во светот, рече Цветков.
Поразговаравме и околу разните згоди и незгоди во лозаровинарството, кои се своевидно „школо” за призводителите на грозје и производи од грозје.
– Еднаш го ставивме комињето во буре, кое за секоја сигурност го обложивме со вреќа. За наша несреќа и бурето и вреќата биле дупнати. За жал, истече ширата. Ете тоа е пример за малер. Има такви анегдоти и во лозаровинарството. Татко ми ми има кажувано дека како мал, играјќи си, несакајќи ја одвртел славината од цистерната и истекло виното – откри тој, нагласувајќи дека внимателноста е многу важна во оваа работа.
Блаже Ѓорчев е исто така од Долни Дисан, има 15 години. Се запишал во ова училиште, бидејќи, како што рече, многу може да се научи тука. А и регионот е таков, лозаровинарски. Или, како што се надоврзаа некои од учениците, со „зелено море“ од лозја.
– Многу песни се имаат испеано за Дисан, нашиот крај е надалеку прочуен по производство на квалитетно вино и ракија. Занаетот го учам од дедо ми. Си правиме вино и ракија во домашни услови, за своја душа. Имаме 26 декари лозје. Самиот одлучив тука да се запишам, за да научам нешто повеќе за лозаровинарството и да можам да бидам што е можно поквалитетен во нашето семејно производство – изјави Ѓорчев.
Слободанка Орешкова е врсничка на Ѓорчев, живее во соседното неготинско село Тимјаник. Нејзините најблиски веќе имаат семејна винарија и големи површини лозје.
– Ме влече оваа струка, тоа го работиме дома и сакам да го работам тоа. Да правам вино. Од родителите учам занает, најмногу од татко ми. Брат ми исто така тука заврши и сега придонесува во семејната винарија – изјави таа.
Неготинецот Благој Петров има 18 години и раскажа дека засега произведуваат само за домашна употреба.
– Најмногу учам од професорите, па од татко ми. Во иднина планирам да регистрирам семејна винарија. Веќе имаме семеен бизнис, фарма за производство на свињи и свинско месо – откри тој.
Директорот Горан Велковски потсети дека мотото на училиштето е „Денес ученик, утре стручњак” и дека низ училишната воспитно образовна програма, навистина поминуваат надежни таленти, посветени на струката што избрале да ја изучуваат.
Коце Попов е професор по стручни предмети во училиштето додаде дека учениците се доста заинтересирани за теоретска и практична настава и со многу големи шанси да го изучат лозаровинарскиот занает и неговите тајни.
– Уште пред да дојдат да се школуваат, голем број од нив имаат познавања од лозарство и винарство. Основата ја имаат. Традиција е тоа во најголемиот лозаровинарски регион во државата, Тиквешкиот. Ракија и вино се произведуваат главно за домашни потреби. Доста квалитетни ученици се воспитуваат и образуваат овде низ годините, не само од овој регион. По одредени предмети, се изучува цела технологија за производство на црвени, бели и розе вина и лозова ракија. А од пред неколку години и вињак во училишната винотека. Имаме предуслови за идно изградување на врвни енолози, рече Попов.
Тој нагласи дека училиштето произведува квалитетни кадри. Меѓу другото и енолози, магистри, доктори на науки. Дел од нив подоцна создаваат свои успешни фамилијарни бизниси. Некои, работат како докажани стручњаци во други винарии. Но, и едните и другите даваат придонес во општеството и добро котираат на лозаровинскиот пазар.
– Горди сме што сме произвеле такви кадри, кои добиваат награди во земјава и странство. А наградите започнуваат да се нижат уште при школувањето тука, затоа редовно организираме натпревари за најдобро произведени вина и ракии во домашни услови. Тие награди се нивната стимулација и отскочна даска во понатамошниот лозаровински свет – нагласи Попов.
Пофалби за учениците упати и неговиот колега Горан Керов.
– Предност е тоа што нашите ученици, главно, имаат формирани работни навики. Кога доаѓаат овде, веќе се изградени во таа смисла. Многу е полесно да се работи со нив. Се работи за ученици кои имаат примерно поведение, солидни оценки, воспитани во име на работата. Имаат осет за производство. Самосвест за производство на земјоделски производи. Ние тука ги учиме како тоа да го валоризираат, да создадат вишок на вредност, да заработат. Навикнати се да стануваат во околу четири или пет наутро, потекнуваат од средини на кои работата не им е проблем. Некои од нив знаат многу, доаѓаат комплетно научени како да прават вино или ракија и ние тука само им даваме насоки. Училиштето им доаѓа, што се вели, како шлаг на торта. Добар дел ученици имаат семејни подруми за производство каде што традиционално започнале да учат од дедо или татко, некои потекнуваат од фамилии коишто веќе имаат регистрирани семејни винарии. ,,Знаат да одат пешки, што би се рекло. Тука дополнително учат, одат на пракса во големи винарски визби со кои имаме потпишано меморандуми за соработка. Ако мануелното производство дома го споредиме со одење пешки, преку полуавтоматизиран процес во училишната винарија, тие доаѓаат до врвна технологија во тие големи винарници, изјави Керов, исто така професор по стручни предмети, инаку сопственик на една од првите регистрирани семејни винарии во регионот.
Првите чекори меѓу грутките од лозјето
На многумина од учениците кои се имаат школувано во земјоделското училиште во Кавадарци, лозјето многу рано им станало втор дом. Дел од нив биле носени по лозовите плантажи уште додека биле во пелени, додека спиеле во лулката крај виновите лози. Има и такви кои првите чекори ги направиле во пресно изораниот лозов насад, меѓу грутките со кои подоцна, играјќи си, се мавале со браќата и сестрите. Безброј спомени ги врзуваат со грозјето од чија преработка и продажба им се купувале чевли, јакни. Тие знаат како раснеле правејќи колиби на нивата. Како се грееле на огнот од изгорените лозови прачки по резидбата на виновите лози. Додека во нив горела желбата да пораснат и еден ден да го возат семејниот трактор. Таа желба понекогаш ја гаселе со туширање под распрскувачите со студена вода, со која се полевала лозовата плантажа. Почнале со носење на вода за пиење на домашните кои ожеднале од работа, следувало вадење искроени лозови прачки од редот, продолжиле со берење грозје, копање и што ли уште не, додека да ги научат сите земјоделски операции при одгледувањето на лозов насад. Оти лозјето, е животот, за многу семејства под ова небо.
– Вистинско задоволство е додека работиш на сонце, каа ќе паане ветер, те релаксира и продолжуваш да работиш понатаму – се согласија некои од соговорниците.
Дополнитлни знаења и пракса, овие заинтересирани ученици, добиваат во рамките на образованието.
– Она што постојано ни го повторуваат и дома и на училиште, е, дека виното и ракијата се раѓаат на самата лоза. Тоа значи дека мора да се обрне многу внимание на квалитетот на грозјето, ако се сака да се произведат квалитетни производи од гроздовите зрна. Беспрекорно чисти садови при преработката на грозјето, е исто така многу важно нешто, кое постојано ни се повторува- категорични беа дел учениците.
Има и такви чии семејства воопшто не произведувале вино и ракија, иако во Тиквешијата се вели дека е тоа реткост, па откако се обучиле во училиште, станале домашни производители на производи од грозје, за кои се вели дека се иднината на алтернативниот туризам.
Многумина се согласни дека, во минатото, енологијата се сметаше за главно машка работа. Иако и порано можеа да се забележат жени и баби покрај казаните.
– Како што минуваат годините, мажите и жените стануваат се порамноправни и се зголемува бројот на жени енолози во винскиот свет. Ние сме тука за да ги разбиеме предрасудите околу тоа. Се бориме против предрасудите и не се делиме по било каква основа. Уриваме стереотипи – дециден беше професорот по македонски јазик, Влатко Тасев.
Учениците во земјоделското училиште навистина разбиваат предрасуди. Кога биле мали, само на момченца, дедовци и татковци им дозволувале да лизнуваат од нивните чашки вино или ракија. Сега нема поделби на машки и женски. Сите заедно, рамо до рамо работат на училишното лозје и сите заедно го печат лозаровинарскиот занает во училишната винарија. Како што се пече ракијата. Капка по капка. /
МИА
Напишете коментар