Еден тон од овие грицки чини повеќе од 7.500 долари, но бидејќи нивните резерви се исцрпени, зголемувањето на цената не се очекува наскоро да престане. Многу светски производители на јаткасти плодови како бадеми одлучуваат да се префрлат на ф’стаци бидејќи заработката е се подобра, а одгледувањето не бара некои посебни услови.

Ова овошје кое потекнува од Иран може да расте и во Србија. Тоа го докажа и Дејан Јаковљевиќ од селото Селиште кај Велика Дренова кој пред десет години решил да одгледува егзотични растенија, меѓу кои, невообичаено за нашата клима, посебно место заземаат ф’стаците.
Според домаќинот, на оваа фарма со дејност за расад за следната година ќе се подготват околу 5.000 садници фстаци, додека од оваа останале помалку од 200, кои исто така ги продал и чекаат да ги превземат купувачите.

– Интересот за ф’стаците расте, не е тоа некој голем „бум“ бидејќи луѓето како и секогаш се скептични кога станува збор за нешто ново на пазарот. Главно заинтересирани се одгледувачите на ореви, лешници или овоштари кои сакаат да го прошират производството. За почеток земаат мали количини садници, од 10 до 15 парчиња, да пробаат дали ќе успее родот, никој на почеток не сака да го засади на два-три хектари. Тоа е нормално бидејќи ф’стаците се скапо овошје. Само садница чини 10 евра по парче. Плодот чини 15 евра за килограм, а кај нас се увезува втора класа, додека првата оди во земјите од Западна Европа – вели сопственикот Дејан Јаковљевиќ.
Според него, на ф’стаците никако не им одговара мочурлива, туку дренажна, пропустлива почва, со киселост од 5 до 7,5 pH, каде што нема многу хумус. Тие можат да издржат големи температурни осцилации до 40 степени во еден ден, како што се во нивната татковина Иран. Засега не е тешко за одржување бидејќи се отпорни на болести, а инсектите и штетниците не ги напаѓаат. Машките и женските садници се садат во сооднос 1:10, со тоа што машките садници не раѓаат, односно нивниот плод не е за јадење, па затоа и не е исплатлив.

– На почетокот испробав околу шест сорти, од американска до сицилијанска, за целосно да се фокусирам на кермин, иранската, изворна сорта, која се покажа како најотпорна на болести, поради што е и најзастапена во светот со 80 проценти. Грчката сорта аегина е исто така добра, но е помалку отпорна на мраз. Ф’стаците може да се садат во текот на целата година, дури и во средината на вегетацијата, а на садница стара две години и требаат три години за да почне да дава плод. Голема предност во однос на другото коскесто овошје е што плодот може да стои и до две години и ништо не недостасува – објаснува Јаковљевиќ.
Кај нас, како што вели, ф’стаците сè уште не се препознаваат како овошна сорта, како што не се препознаваат костените за јадење, па производителите се уште го чекаат одговорот на Министерството за земјоделство на барањето од пред три години.
– А, без тој сертификат не може ни да аплицира за разни субвенции од ресорното Министерство, па тоа треба да се реши што поскоро – додава Дејан Јаковљевиќ.

Работна сила
– Со садници фамилијарно се занимаваме околу сто години, а сето тоа го започна дедо ми со лозовиот калем. Покрај украсни и егзотични садници и системи за наводнување, имаме и јаболка, сливи, цреши, но ми се чини дека нема перспектива бидејќи нема работна сила – истакнува Јаковљевиќ.
– Сите како да сакаат да работат, но од 11 до 17 часот и за дневница од 5.000 динари!? А овде нема утре, туку мора сега, ако не го набереш и транспортираш плодот на црешата на време, приказната во стартот е завршена.

Дубаи чоколадото пред неколку години беше скромен деликатес, но доживеа бум на социјалните мрежи, каде беа споделени и рецепти за правење на овој деликатес. Тоа драстично ги покачило цените на оваа чоколада за која треба да потрошите повеќе од 10 евра за сто грама. Без разлика на цената, побарувачката е зголемена, па некои трговци имаат ограничена продажба.
Производителите на чоколада почнаа да ги купуваат сите ф’стаци до кои можеа да дојдат. Иран, кој е втор најголем производител на ф’стаци во светот, веднаш по Соединетите Американски Држави, извезол 40 отсто повеќе од овие плодови во Обединетите Арапски Емирати во претходните шест месеци отколку во цела година претходно. Едноставно нема доволно ф’стаци за да се произведе чоколадо Дубаи во количини што ги бара пазарот, пишува novosti.rs.