Романскиот производител на вештачки ѓубрива Азомуреш го прекина производството на амонијак поради големиот раст на цените на природниот гас предизвикан од проблемите во синџирите на снабдување на европскиот пазар.
Истовремено, наведува Fertilizerdaily, има пад на цените на азотните ѓубрива на пазарот на Европската Унија, што го прави нивното производство во Азомуреш неисплатливо.
Инаку, оваа фабрика произведува амониум и калциум-амониум нитрат, уреа, NPK и други, што сочинува 10% од потрошувачката на природен гас во Романија.
Овој пример е вистински приказ за состојбата со ѓубривата во Европа. Нивните цени на светскиот пазар паѓаат, а во Европа се подготвува тешка криза, навестува Олаф Зинке за Agrarheute. Тој потсетува дека кога последен пат трошоците за гас биле толку високи, големите производители како Yarа, BASF и слични го намалија производството, а истовремено ги зголемија цените.
Но, сега ситуацијата е малку поинаква. На светскиот пазар цените продолжуваат да паѓаат, па ги уриваат и европските. Но, во регионот цената на природниот гас, најважниот фактор за нивно производство, драстично расте.
Многу други индустрии зависат од овој енергент, вклучувајќи ја и прехранбената индустрија, како и самото население. Затоа, снабдувањето на хемиската индустрија и производителите на вештачки ѓубрива веројатно ќе биде порационална. Сето ова може да доведе до уште поголеми трошоци за земјоделците и што е најлошо до недостиг.
Какви се цените?
Уреата во САД во јуни, во увозните пристаништа, чинела 495 американски долари за тон (467 евра по тон), што е за дури 45 отсто помалку отколку на крајот на март, кога еден тон чинел околу 900 долари. Но и таму растат затоа што гасот им поскапува, па цената за утовар во јули е 535 американски долари за тон.
Во германските увозни пристаништа се тргува за околу 635 евра за тон амониум нитрат, што е за 60 евра помалку од пред четири недели и дури 330 евра од цената во средината на март. Слично е и во Франција.
Кога станува збор за уреата, таа неделава во Германија чинела 765 евра за тон, што е за 100 евра помалку од мај и дури 520 евра во однос на март. Во Франција моментално изнесува 720 евра по тон.
