Цените на ѓубривата на глобално ниво продолжуваат да паѓаат. Аналитичарите наведуваат дека повеќето од главните одредници за уреа достигнале привремени ниски прагови. Во тоа помогнало и одредувањето на цените на индискиот тендер на 3 март и сезонското купување во Европа и САД, пишува Agrarheute. Глобалната трговија со амонијак се смета дека останува огранчена и пазарот очекува понатамошни остри падови при следното фиксирање во Тампа, САД.
Падот на светските цени продолжува и кога се во прашање фосфатите. Главно поради пониските трошоци за суровини, зголемените залихи и ограничената побарувачка. Глобалните купувачи на поташа потешко се одлучуваат да купуваат поради очекуваниот понатамошен пад и отсуството на нова индикативна цена на договорот за Индија и Кина.
Агенцијата Fitch дополнително ја намали својата прогноза за уреа и други азотни ѓубрива за 2023 година. Тоа е оправдано со падот на цените на гасот и испораките од претходно санкционирани земји како Русија, Иран и Венецуела.
Кога станува збор за Германија, цените на најважните азотни ѓубрива паднаа за дополнителни 10 евра/тон. Калциум амониум нитрат чинеше 360 евра/тон во текот на неделата, што е околу 250 евра помалку отколку на почетокот на годината. Уреата е нешто повеќе од 480 евра, додека растворот на уреа амониум нитрат AHL чини нешто помалку од 380 евра/тон.
Цените на фосфорните и поташните ѓубрива паѓаат на светскиот пазар, но не и во Германија. За тон поташа потребно е да се издвојат 585 евра/тон. DAP е нешто помалку од 720 евра/тон.
Треба да се напомене дека Русија би можела да ги продолжи ограничувањата на извозот на ѓубрива за шест месеци до ноември за да помогне во поддршката на домашниот пазар, изјави рускиот министер за земјоделство Дмитриј Патрушев.
Москва воведе привремени извозни квоти за некои ѓубрива на крајот на 2021 година за да го обезбеди домашното снабдување, но оттогаш постојано ги продолжуваше. Ограничувањата истекуваат на крајот на мај.
