Цената на електричната енергија до крајот на годината ќе остане иста, а Владата ќе се бори таа да остане иста и од 1 јануари – изјави денеска претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
– Приоритет на оваа Влада е да ја одржи енергетската стабилност. Ние тоа го правиме во услови на најголема енергетска криза во светот што човештвото ја памети. Секаде во регионот и во Европа цените на енергентите пробиваат рекорди. Веќе имаме држави во Европа, каде што цената на дизелот и безоловниот е поголема од 3 евра за литар. Ние сè уште сме под 1,6 евро за литар благодарение на политиките на Владата. Во таа насока планираме да продолжиме и кога станува збор за електрична енергија. Се бориме и она што е наш приоритет – да остане цената иста, да нема зголемување. Тоа впрочем го правиме во три регулаторни периоди. АД ЕСМ не е единствена што бара нивелирање на цените, тука се уште неколку компании, тука е операторот, тука е дистрибутерот, тоа е приватната компанија ЕВН. Можеби треба и нив да ги прашате како тие ќе се однесуваат – изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на новото основно училиште во Ченто.
Премиерот не се согласува со ставот дека цената на струјата најмногу зависи од ЕСМ. Одговори дека нема да се понуди помала цена од 65 евра.
– Не, во овие услови какви што се денеска на берзите и 65 е трипати пониска од онаа што ја плаќаат во соседството и граѓаните во Европа – изјави премиерот.
Мицкоски беше дециден дека Владата ќе се бори да ја постигне истата цена, дека до декември цената на електричната енергија нема да се зголемува.
– Од 1 јануари да почекаме што ќе кажат енергетските компании, па ќе видиме. Јас не можам да ја прејудицирам одлуката на Регулаторната комисија – рече премиерот.
Премиерот исто така рече и дека не се планираат измени во тарифните блокови за електрична енергија.
