Повремените врнежи од дожд кои паднаа во изминатата недела беа повеќе од добредојдени за надополнување на влагата во почвата, овозможувајќи обезбеденост на влага и подготовка на почвата за претстојниот период.
Овие поволни услови директно влијаат врз есенските посеви, бидејќи оптималните рокови за есенска сеидба се веќе во тек, а температурните услови секогаш диктираат кога треба да се засеат сортите во одреден реон. На оваа исклучително важна задача мора да и се пристапи максимално сериозно, бидејќи времето на сеидбата може битно да влијае врз отпорноста на растенијата кон ниски температури, а со тоа директно ја одредува брзината на поникнувањето, правилното презимување и крајниот принос.
Во нашиот регион, раната сеидба се извршува од 10 до 25 октомври, среднораната започнува во третата декада на октомври, додека доцната се протега од 1 до 10 ноември. Покрај нив, постои и многу доцна сеидба која се одвива по 10 ноември и во тек на декември, доколку временските прилики наложуваат така. Притоа, треба да се обрне посебно внимание на количеството на семето и на оптималната длабочина на која треба да се посее, која кај житните култури најчесто изнесува од 3 до 5 сантиметри.
Од голема важност е да се применуваат правилни агротехнички мерки, што подразбира употреба на квалитетни минерални ѓубрива со зголемен процент на фосфор и калиум, со цел да се обезбеди соодветна снабденост на културите со потребните хранливи материи во есен и да се зголеми нивната отпорност спрема зимски мразеви. Се препорачува користење на сертифициран семенски материјал со добри сортни карактеристики кој одговара на стандардите, а најдобро е да се одберат реонирани и селекционирани сорти со добра здравствена состојба.
Паралелно со активностите на нивите, во тек е собирањето на преостанатите градинарски култури од отворените земјоделски површини за да се заштитат од есенските мразеви, но и садењето на одделни есенски градинарски култури во затворени простории како што се лук, кромид, спанаќ и зелена салата.
Временските услови за денес најавуваат повремени локални врнежи од дожд, кои на повисоките планини ќе преминат во слаб снег, проследени со умерен, а наместа повремено засилен ветер од северен правец. Во деновите потоа ќе преовладува стабилно и сончево време со умерена облачност во текот на денот. Минималната температура ќе се движи во интервал од -1°C до 11°C, а максималната температура ќе се движи во интервал од 12°C до 23°C.
Доколку временските прилики дозволуваат, земјоделците треба да продолжат со сите останати агротехнички мерки на терен, а воедно се советува да преземат и превентивни мерки за зацврстување на конструкциите на пластениците, како и да ги расчистат одводните канали за полесно одлевање и заштита од површинските води при евентуални пообилни врнежи.
Извор: Агрометео
