Дали цената на малините од 400 динари (околу 210 денари) за килограм е очекувана во Србија и дали производителите на „црвеното злато“ се задоволни од цената?
Бербата на малина е во тек, а малинарите веќе после неколку берби задоволно ги тријат рацете. Никој не ја очекувал оваа цена, бидејќи еден килограм се продава за 400 динари, што е историски максимум.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бранислав Недимовиќ, ги посетил жителите на малиногорјето во Ивањица.
-Овојпат ме пречекаа како Тито, но ги паметиме и тие години кога тука разговаравме со над 700 незадоволни малинари и кога цената беше трипати пониска. Знаевме дека цената ќе биде висока оваа година, но ни ние не се надевавме на ова. Очекувавме бројка од 270 до 320 динари, но 400 за килограм е изненадување и за нас, но добро е што е така – изјавил Недимовиќ.
Големата побарувачка за српската малина е условена од слабиот принос кај главните конкуренти, во Полска и Чиле. Недимовиќ апелира малинарите да ја искористат оваа добра година и приходот да го искористат за да инвестираат во производството.
-Годината е добра, но прашањето е што ќе биде следната. Затоа е многу важно да се инвестира во систем против град, систем за заштита, но и да се обноват насадите бидејќи на тој начин ќе имаат многу поголем принос. Во селото Прилике, се сретнав со домаќинот кој одгледува околу 30 хектари стари и веднаш до нив 30 хектари нови насади со малини, а приходот од новите е дури трипати поголем. Мора да се инвестира во технологија, со цел родот да биде загарантиран. Малините во моментов се многу барани, а ги нема, затоа е многу важно да ја искористиме оваа шанса. Министерството преку субвенции ќе им помогне и на оние кои сакаат да инвестираат во своите малинарници – рече Недимовиќ.
Откако имаа проблеми со наоѓање работници, мештаните во подножјето на планината Мучањ кај Ивањица сега се од раните утрински часови во малинарниците. Често во берењето се ангажираат цели семејства, но ништо не им е тешко затоа што сега можат да си го наплатат трудот.
-Дочекавме малината да чини колку килограм месо. Конечно, дојде време да се цени работата на земјоделците. Знаеме дека има голема побарувачка за нашите малини, дури и Полјаците го бараа нашето „црвено злато“ во претходните месеци затоа што нивниот род не успеа. Приносот е солиден, но се надеваме дека наскоро ќе има дожд за да не се исушат плодовите – рекол Ацо Џокиќ од селото Брезова во Ивањица.
Извор: Агросмарт
