Прекрасното божиќно цвеќе или Божиќна ѕвезда, како што популарно го нарекуваат, обично завршува во отпад по празниците бидејќи многумина не знаат како да ја одржуваат. Со овие совети, популарната Божиќна ѕвезда ќе го краси вашиот дом долго откако ќе зачекориме во 2023 година.
Чувајте ја на умерено топло и светло место
Божиќната ѕвезда сака топлина и светлина, но не премногу. Затоа не е добро да ги чувате овие празнични цвеќиња, на пример, до радијатор или друг извор на топлина, но не ги вадете ниту на тераса за да не замрзнат.
Полевајте ја со вода одоздола

На овие цвеќиња дефинитивно им треба вода, но сепак не претерувајте со наводнување. Исто така, знајте дека Божиќната ѕвезда се наводнува одоздола, со ставање вода во заштитната чинија на саксијата. Во спротивно може брзо да овене.
Затоа, на секои три дена, дополнете ја чинијата под саксијата со вода, а вишокот секогаш празнете го. Растението ќе си земе вода колку што му е потребно.
Одржувајте го стеблото
За Божиќната ѕвезда повторно да цвета, откако ќе ѝ испаднат лисјата и ќе се исушат стеблата, скратете ги стеблата неколку сантиметри. Потоа преместете ја на поладно место каде што температурата не надминува 15 степени. Божиќната ѕвезда треба да остане во такви услови цели осум недели. По тој период, треба да се пресади во поголема саксија од која повторно ќе почне да расте.
