Има 36 години, а земјоделство работи од 16. На 30 декари годинава насадил пипер, на 12 компир и на 15 декари тутун. Годинава произвел 150 тона квалитетен пипер, а сега го спрема компирот зa кој исто така нема проблем со пласманот.
После ваков вовед за Благојче Паскоски од село Крушеани, Прилепско, јасно е за каков вреден земјоделец се работи.

-Годинава многу сум задоволен од приносот и квалитетот на пиперката „капија“. На еден корен имаше по 6 – 7 убави пиперки кои тежеа од 500 – 700 грама. Извадивме 120 тони од „капијата“, а имавме насадено и бела пиперка која исто така даде одличен принос од 30 тона. За квалитететен производ нема проблем со пласманот, па така можам да кажам дека годинава имавме успешна реколта – вели Паскоски за Агротим.

Со земјоделство се занимава целото негово семејство и од тоа обезбедуваат егзистенција. Традиција за ова производство има но потенцира дека мора да се следат новите модерни текови во производството и особено да се користат квалитетни репроматеријали.

-Годинава имав набавено квалитетно семе од Србија. Точно дека го платив поскапо но еве се покажа дека правилно сум постапил. Лани имав друго семе, а исто ги извршив агротехничките мерки но имав двојно пониски приноси – изјави Паскоски.



Фамилијата на Благојче е целосно ангажирана околу земјоделското производство. Сопругата е задолжена за домот и децата но и секаде каде има работа на нива, садење, берење. Тука е и неговата мајка и нејзината помош е драгоцена како во земјоделското производство така и во домаќинските работи. А работа има колку сакаш, дали на нива или во мини фармите, традиционално за земјоделските домаќинства.

-Со пиперките завршивме, добро поминавме годинава, имаше голем интерес го дадовме на Кванташки пазар со трговци со кои имаме долгодишна соработка, по цена од 27 -30 денари за прва класа, а втора класа од 20 – 25 денари. Во моментов го класифицираме компирот и него го продаваме на Кванташки пазар.

Цената е 10 -12 денари за килограм. Добро е, не се жалам, годинава генерално можеме да кажеме дека завршивме добра работа – вели Паскоски и додава дека одлично поминале и со белата пиперка која годинава имаша добра цена од 20 денари, а „банана“ пиперката достигнала цена од 38 денари.



За следната година размислува да проба со производство на органска пиперка од сортата “куртовска капија“ бидејќи субвенциите се двојно повисоки, се најавува и договорно производство со преработувачите.
-Доколку има сигурен пласман и се договориме за цена би сакал да пробам да се префрлам на органско производство. Како и да е, ние продолжуваме да работиме, во село сме и тоа е наша единствена егзистенција – заклучува Пасковски, а на нашата констатација дека ретко слушаме земјоделец да се пофали, низ смеа вели дека вистината е таа.

-Вистина тешко е, ама кога сакаме работиме, кога сакаме одмараме. Никој не ни стои над глава да не тера да работиме. Најубаво сами газди – заклучува Паскоски.


