Цените на храната во светот го продолжија надолниот тренд во јули, втор месец по ред, поттикнати од падот на цените на житарките, растителните масла и млечните производи, но сепак се 31 отсто повисоки отколку во истиот месец во 2020 година, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, ФАО.
Нивниот индекс на цените на храната, кој ги следи месечните промени на глобалниот пазар на основните прехранбени производи, во просек изнесуваше 123 поени минатиот месец, во однос на 124,6 поени во јуни.
Цените на житарките биле 3 проценти пониски во јули во споредба со претходниот месец, а најмногу поевтинила пченката, за 6 проценти, пренесува Ројтерс. На котациите на пченката влијаеле подобрените изгледи за аргентинскиот и американскиот род, како и откажувањето на нарачките за увоз од Кина, што ја надмина загриженоста за послабата жетва во Бразил.
Меѓународните цени на оризот, исто така, потонаа минатиот месец – на двегодишен минимум, бидејќи понудата на новиот род и движењата на валутите придонесоа за забавување на темпото на продажбата. Од друга страна, цените на пченицата пораснаа за 1,8%, достигнувајќи го највисокото ниво од средината на 2014 година.
Големо поевтинување на млечните производи
Се наведува дека тие цени се поттикнати од проблемите поврзани со сушата во Северна Америка, потоа обилните врнежи во Европа и помалите приноси во Русија, отколку што првично се проценуваше. Цените на растителните масла паднаа за 1,4% од јуни, на најниско ниво во последните пет месеци, бидејќи закрепнувањето на котациите на палминото масло беше неутрализирано со падот на цените на другите масла.
Во јули, млечните производи нагло паднаа за 2,8 проценти, додека шеќерот порасна за 1,7 проценти четврти месец по ред, како резултат на зголемените цени на суровата нафта и неизвесноста за влијанието на мразот врз приносите во Бразил, најголемиот извозник во светот.
Цените на месото генерално бележат благ пораст, при што месото од живина скокна најмногу поради силниот увоз во Источна Азија, додека цените на свинското месо малку се намалија поради падот на кинескиот увоз, објави ФАО. Агенцијата не ги ажурираше своите прогнози за светската понуда и побарувачка за житни култури. Во јуни, предвиде дека глобалните резерви на житарки во 2021/22 ќе се зголемат за прв пат од 2017/18 година.
