Поради вишокот на производство и неможноста за понатамошно складирање, производителите во некои европски земји испраќаат апел до граѓаните да ја зголемат потрошувачката на одредени производи.
До Белгијците се испраќа апел да јадат повеќе помфрит, Британиците се повикани да јадат што е можно повеќе говедско, а Французите се под притисок да го зголемат внесот на сирење, пишува Financial Times. Овие необични повици на зголемена консумација на одредени прехрамбени производи не се последица на кризата предизвикана од корона вирусот , туку со цел да се намали вишокот во производство.
Во Белгија, најголeмиот светски производител на помфрит Белгап ги повика граѓаните неделно да јадат најмалку една порција помфрит повеќе отколку досега со што би се намалил вишокот од 750.000 тони. “Помфритот е недопирлива културна своина. Традиција е да се изеде помфрит еднаш неделно. Ги повикуваме луѓето тој момент на радост да го повторат барем уште еднаш неделно “, изјавил Ромеин Колс од здружението Белгап.

Поради затворањето на рестораните и останатите угостителски објекти и поради недоаѓањето на луѓето на работа, европските земјоделци се соочени со големи вишоци. Се проценува дека на винариите во текот на траењето на мерките за заштита од пандемијата на корона вирусот продажбата ќе им падне на 35%, а вредноста за 50%. Според зборовите на претседателот на италијанското здружение на земјоделци Cia-Agricoltori Italiani Дино Скананиви, само во Италија моментално се складирани 54 милиони хектолитри вино, што е повеќе од седум милијарди шишиња и претставува годишно количество на италијанско вино во промет.
Кралското здружение на британските производители на млеко (RABDF) известува за минимално два милиона литри млеко дневно кои мораат да се преработат во млеко во прав или да се фрлат.
Во соработка со индустријата, Одборот за земјоделство и хортикултура настојува да го намали вишокот на говедско месо така што по пат на социјалните мрежи ја промовира кампањата „ steaknight“, во која куварите и одгледувачите ги споделуваат своите рецепти и совети.

Во Франција владата привремено ги релаксира, инаку строгите правила за заштита на потекло на производите за 15 видови сирење, извести францускиот Национален институт за потекло и квалитет на храна. Индустријата во меѓувреме започна кампања „Fromagisson“, во која ги моли граѓаните да „направат се што можат за сирењето“.
Мајк Мек Клендон, претседател на меѓународните активности на компанијата Lineage Logistics, најголемиот светски снабдувач на ладилници, проценува дека околу 95% од евроспките магацини за замрзната стока се пополнети.
