Работата на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство е постојано во фокусот на земјоделците чие производство, пласман и висина на субвенциите директно зависи од мерките и активностите на оваа институција. Покрај овие основни очекувања од министерството, за земјоделците важни се и капиталните инвестиции, европските фондови, едукацијата, странските инвеститори и насоките во кои ќе се движи македонскиот агар во усогласувањето со европската легислатива и стандарди.
На сите овие теми разговараме со Никица Бачовски – шеф на кабинетот на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
АГРОТИМ: Тежок сектор, комплексен, со многу области кои се опфатени и 200 000 земјоделски семејства кои на било каков начин се поврзани со земјоделското производство. Така може да се дефинира работата на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство. Во таков сектор дојдовте пред 3 години, односно како дел од тимот на тогашниот министер Љупчо Николовски.
БАЧОВСКИ: Несомнено секторот земјоделство е еден од потешките, а можеби и најкомплексен сектор којшто згора на тоа беше запоставуван во голема мера со години наназад. Уште од првиот ден се соочивме со блокирана исплата на субвенциите, лошо менаџирање со водостопанските објекти, неплатени членарини кој меѓународни организации и опасност за суспендирање на европскиот ИПАРД фонд. Навистина се вложија надчовечки напори од менаџментот на министерството и токму посветената работа на министерот и неговиот тим и целокупната поддршка од Владата за сите важни прашања се главната причина што денес имаме еден стабилен сектор кој што можам да забележам дека станува доста атрактивен за инвеститорите од земјава и светот.
АГРОТИМ: Сега сте шеф на кабинетот на актуелниот министер за земјоделство, Трајан Димковски. Како ги продолживте активностите односно каков е еден ден на личноста која треба да биде носител на активностите на кабинетот?
БАЧОВСКИ: Чест но и голема обврска е да се биде на позицијата шеф на кабинет. Моето работење главно е насочено кон координирано и поефикасно работење на кабинетот, управите и секторите, како и секојдневната надворешна комуникација со институциите кои гравитираат околу секторот земјоделство. Секој работен ден е еднакво динамичен на претходниот, многу состаноци со колеги, прием на странки и делегации, безброј телефонски јавувања и разно разни други ад-хок активности. Крајниот резултат на ваквата динамичност и добра соработка со сите соработници се многуте нови мерки, реформи ,закони, јавни огласи и повици, капитални вложувања и навремени и неселективни исплати на финансиската поддршка кон земјоделците што апсолутно го подобри имиџот на сектор земјоделство и ја врати довербата во институциите кои за жал беше нарушена.
АГРОТИМ: На што работите во овој период? Кои мерки веќе ги звршивте, кои почнувате?
Па она што е најактуелно и кое го работевме во изминатиот период е јавниот повик за грантови за млади земјоделци којшто се објави. Изменивме закон и уредивме подзаконски акти за да ја зголемиме поддршката од 10 на 20 илјади евра. Со измени во законот за вино ги поедноставивме условите за регистрирање на т.н мали семејни винарии. Со поддршка на Европската делегација работиме на софтверски проект со кој очекувам веќе од 2021 година да имаме авансно исплаќање на субвенциите. Заедно со колегите од Платежната агенција ја модифицираме мерката за зелена нафта со што од наредната година субвенционирањето на трошоците за гориво за механизацијата ќе биде покачено од сегашните 30% на 50%. Успешно завршивме 2 јавни огласа за државно земјоделско земјиште во Св.Николе каде што се доделија нови 1000 хектари и се склучуваат над 150 нови договори. Се работи на нов повик од ИПАРД програмата за модернизација на земјоделските стопанства. Може да се забележи дека сме активни на скоро секое поле со многу позитивни активности на сите фронтови.
АГРОТИМ: Колку е отворен кабинетот за земјоделците и агробизнисмените, каква е соработката со нив?
БАЧОВСКИ : Слободно можам да кажам дека ниту една програма и ниту една мерка не трпи измени без за истото да бидат консултирани сите здруженија, асоцијации и агро бизнисот. Формирани се преку 10 подсекторски групи кои работат на програми, мерки и законски измени со цел усогласување на потребите на институциите, земјоделците и агро-бизнисмените. Транспарентноста на МЗШВ е на високо ниво и на тоа сме особено горди. Таквиот пристап дефинитивно ги максимилизира ефектите и на општо задоволство отвореноста на министерството за предлози и сугестии ќе продолжи и понатаму.
АГРОТИМ: Оваа Влада особено ја потенцира искористеноста на ИПАРД средствата. На што се должеше тоа, каде ги направивте промените за сега да се каже дека сме лидери на Балканот во искористеност на овие средства и дека повеќе не се враќаат назад неискористени?
БАЧОВСКИ: Јавноста треба да знае дека до пред само 2.5 години, функционирањето на ИПАРД програмата беше под знак прашалниик. Денес, анализите на Директоратот за земјоделство и рурален развој при ЕУ покажуваат дека нашата абсорпција на Еу средства во земјоделството се поголеми од Србија, Црна Гора и Албанија комбинирано. За да се дојде до оваа ситуација, најпрвин го зајакнавме капацитетот на Платежната агенција со нови стручни кадри. Потоа, ги олеснивме процедурите за работа и го скративме периодот за евалуација и потпишување на договори од 18 месеци на 3-6 месеци. Сето ова резултираше со исплатени 12.5 милиони евра за само 2 години и нови склучени договори во вредност од 32.8 милиони евра. За прв пат државата нема да плаќа пенали за неискористени средства. Напротив, веќе преговараме за дополнителни средства, поголем буџет и акредитација на нови мерки , меѓу кои и Рурална инфраструктура каде корисници ќе бидат општините за проекти за подобрување на условите за живот во руралните средини преку инвестиции во патна инфраструктура, водоводна и канализациона мрежа и рекреативни и спортски објекти.
АГРОТИМ: Капиталните инвестици во наводнувањето се нешто што ве издвојува како министерство, имајќи предвид дека 12 години претходно немаше никава инвестиција во овој дел?
БАЧОВСКИ: Познавачите на оваа област говорат дека никогаш во историјата на Македонија не паметат ваква активност во имплементација на капитални инвестиции во наводнувањето. Во моментот се работи на 3 големи акумулации/брани. Се гради браната Конско во Гевгелија, брана Речани во Кочани и Равен – Речица во полошкиот регион. Интензивно сме активни и на изградба на најмодерен систем за наводнување во Јужната долина на Вардар фаза 2 со поддршка на германската банка KFW. Со истите партнери, потпишавме договор за нови 80 милиони евра за инвестиции во брани и системи за наводнување за ЈВД 3, ХС Лисиче и Конско 2-ра фаза. Се обезбедија 3,5 милиони евра за заокружување на првата фаза од ХС Злетовица,која се однесува на водоснабдување со квалитетна вода за пиење и поврзување наопштините Карбинци, Лозово и Штип со овој систем. Во следниот период ќе се интензивираат активностите за реализација на систем за наводнување на 4.100 хектари земјоделско земјиште и изградба на шест мини-хидороцентрали. Овие инвестиции се капитални добра кои на долг рок ќе бидат во функција на поголемо и поконкурентно земјоделско производство
АГРОТИМ: Рурален развој е модерната верзија за ЕУ кога станува збор за земјоделство, односно агрокомплекс. Колку овде МЗШВ обрнува внимание, дали руралниот развој ја има потребната важност во одвојувањето на буџет за тоа, мерки креирани за таа цел?
БАЧОВСКИ: Руралниот развој е нешто на кое сите сме посветени особено во делот на подобрување на животот во руралните средини. Во соработка со Владата, МЗШВ обезбеди 38 милиони евра за инвестиции во рурална инфраструктура со што се направи првиот голем чекор со насочување на капиталните инвестиции исклучиво во руралните средини. Денес се имплементираат над 202 проекти во делот на патишта, канализации, водоводи, шеталишта, етно куќи и зелени пазари во сите општини. Како што спомнав претходно, од 2021 година очекуваме акредитација на европската мерка Рурална Јавна инфраструктура чии што средства ќе ги користат општините. За прв пат финансиски се поддржаа Локалните акциски групи, популарните ЛАГ-ови. Нивните активности ќе бидат насочени во правец на реализирање на потребите на локалните рурални заедници и развивање на руралниот туризам. Истовремено за прв пат се воведе и мерката рурална жена каде што корисници се исклучиво жените кои произведуваат храна и преработки од земјоделски производи во руралните средини. Македонија е рурална земја и инвестициите во руралните средини е високо на нашата агенда.
АГРОТИМ: Релативно млад тим околу министерот, а во агрокомплесот и европски тренд е подмладување на секторот и нови мерки кои ќе ги заинтересираат младите да се занимаваат со земјоделско производтво. Што прави МЗШВ во овој дел?
БАЧОВСКИ: Генерално светот се соочува со предизвикот како да ги поттикне младите да се занимаваат со земјоделство и да произведуваат храна. Затоа многу држави како и нашата ја создадоа мерката Млад земјоделец. Мерката се објави во 2017 и 2018 година и крајниот резултат е потпишани над 520 договори за грантови од 10.000 евра. Со овие средства, млади земјоделци на возраст од 18 до 40 години имаа можност да набават нова механизација, приплоден добиток, опрема за преработка и опрема за постбербени активности. Колкава е нашата посветност и намера да ги стимулираме младите во агро-секторот говорат последните законски измени со којшто максималната вредност на грантот се покачи од 10 на 20 илјади евра. Повикот којшто се објави вчера ќе ги поддржи со неповратни 20 илјади евра сите млади земјоделци кои ќе инвестираат во градба и опрема за преработувачки капацитети. Ја користам оваа прилика да ги охрабрам сите млади да аплицираат со проекти за нови пластеници, фарми, млинови, винарии, сушари за овошје и зеленчук , ладилници, опрема за екстракција на мед и опрема за конзервирање, полнење и флаширање на преработки од земјоделски производи.
АГРОТИМ: Од овде и последното прашање, за пласманот на земјоделските произвди. На глобално ниво се чувствува веќе недостиг на храна а тоа значи и подобар пласман и подобри цени на земјоделските прозиводи. Што уште планирате во овој дел да се подобри?
БАЧОВСКИ: Наша најголема цел е да направиме се за да се зголемат обработливите површини и да се окрупнат стопанствата со што би се добило зголемено и конкурентно производство. За да се затвори овој круг, распишавме десетина огласи на кои се додели државно земјоделско земјиште за производство на храна. Сите инвестициони мерки во модернизација на земјоделските стопанства и поддршка за преработувачки капацитети се ставени во функција. Имаме грантови шеми за млади земјоделци и жените од руралните средини. Фактот што светот сериозно се соочува со недостиг на храна говори за потребата од наш брз напредок во конкуретноста, особено во трката со Албанија и Србија. Токму затоа, поддршката која МЗШВ и останатите институции ја нудат е насочена кон модернизација на земјоделецот, стимулирање на преработка, сортирање, калибрирање, ладење и замрзнување на земјоделските производи, што му дава додадена вредност на примарниот производ. Македонското земјоделство треба да се натпреварува во квалитативниот, а не квантитаивниот сегмент. Она на што апсолутно сите треба да се насочиме се инвестиции во растителните и анималните преработки и нивно брендирање како македонски производи кои ќе бидат широко препознаени на модерните пазари како продукти со висок квалитет и проверено потекло.
Напишете коментар