Пролетта е најважниот период за правилно одржување на лозјето. Со навремена обработка на почвата се создаваат услови за здрав развој и повисок принос. Основни пролетни агротехнички мерки кај лозјето се: откривање (откопување) на лозјето, пролетна подлабока обработка, плитка обработка (прашење) на почвата.
Откривање на лозјето обично се врши во март, кога почвата е доволно просушена. Потребно е да се внимава откривањето да се врши кога веќе нема опасност од доцни пролетни мразеви. По откривањето се отстрануваат диви коренчиња од калемот под местото на спојување.
Пролетната подлабока обработка се врши по завршување на резидбата, врзувањето на ластарите, изнесувањето на лозата и поправката на потпорната конструкција. Зимските врнежи ја набиваат почвата, и таа дополнително се гази при изведување на овие работни активности, што доведува до создавање покорица која подоцна пука и така се губи влагата од почвата. Со оваа обработка почвата се проветрува, станува порастресита и способна да задржува влага од пролетните врнежи. Со оваа мерка се уништуваат и присутните плевели. Во сушни подрачја се препорачува обработка без превртување на почвата за да не се губи влагата, на длабочина од околу 15 см.
Плитката обработка на почвата се нарекува и пролетно-летна, бидејќи се врши во периодот на вегетација, односно од мај месец. Со оваа обработка површинскиот слој на почвата се одржува во ровка состојба и се уништуваат плевелите. При оваа обработка се врши и пролетно прихранување на лозата со азотни минерални ѓубрива. Длабочината на обработка е 5–10 см. Оваа постапка уште е позната и како „прашење на лозјето“. Бројот на прашења во текот на вегетацијата зависи од климатските и почвените услови. Почесто се врши на почви склони кон создавање покорица, како и во сушни подрачја, бидејќи така се зачувува влагата. Доколку има поголема суша и појава на плевели, бројот на прашења се зголемува. Најчесто се изведува три пати:
• прво – пред цветање, на длабочина од 10 см
• второ – на длабочина од 7 см
• трето – на длабочина од 5 см
Прашењето во одредени фази може да биде штетно за лозата.
Ако се изведува во време на цветање, може да доведе до ладење на почвата, со што се намалува функцијата на коренот и се влошуваат условите за оплодување на цветовите – особено во постудени региони. Исто така, прашењето може да има негативно влијание при високи дневни температури, особено ако се врши механизирано, бидејќи ситните почвени фракции од сува почва можат да ја оштетат кутикулата на младите делови од растението, на тие места може да се појават изгореници. Сите наведени мерки имаат значајна улога во обезбедување на правилен раст и развој на лозата, како и во постигнување на висок и квалитетен род.
