Африканската чума кај свињите претставува сериозна закана за свињарството. Болеста не претставува закана само на обезбедувањето на храна и предизвик за индустријата за производство на свињско месо и другите чинители во синџирот на снабдување, туку и на меѓународната трговија како резултат на мерките на забрана
кои се воведуваат.
Дивите свињи и Европската дива свиња (Sus scrofa ferus) се еднакво приемчиви на Африканска свинска чума. Иако африканските диви свињи не покажуваат клинички знаци на инфекција, тие, заедно со меките крлежи Ornithodoros, претставуваат природен резервоар на вирусот, додека домашните свињи се случаен домаќин.
Кај домашните свињи, Африканска свинска чума се пренесува преку директен контакт, преку ороназален пат, преку исцедок од заразени свињи или со јадење на свинско месо или други производи контаминирани со вирус (на пример: помии, отпад или трупови и т.н.).
Друг начин на пренесување на вирусот е индиректно преку предмети или со вектори со каснување од инфициран Ornithodoros мек крлеж, во подрачјата каде истите се присутни.
Болеста не претставува зооноза, односно таа не може да се пренесе на луѓето.
Секоја земја во која е развиено свињарството е изложена на ризик од Африканска свинска чума. Свињите кои се одгледуваат за домашна употреба, заради ниските биосигурносни мерки се посебно изложени на ризик. Бидејќи досега нема ефикасна вакцина на пазарот, најдобра стратегија против болеста за земји/зони кои сe уште се слободни од болеста е да се спречи навлегувањето на болеста преку примена на засилени контроли на границата, соодветни кампањи за подигање на јавната свест и засилени биосигурносни мерки. Превентивните мерки со кои се ограничува движењето на диви свињи се тешки за спроведување, заради што раното откривање на болеста е најдобра опција.
За земјите кои се инфицирани, мерките како што се подигање на јавната свест и засилени биосигурносни мерки
се исто така корисни, во комбинација со брза реакција на потврдените жаришта со мерки за забрана на движење и убивање на приемчивите животни. Заради реалната заканата на оваа болест кон глобалното земјоделско производство и трговската размена, Африканска свинска чума задолжително се пријавува до Светската организација за здравствена заштита на животните (OIE).
Агенција за храна и ветеринарство
