Експерти, членови на работната група за зачувување на старата моликова шума, формирана со одлука на македонската Влада, денес на планината Баба, во националниот парк „Пелистер“ ја утврдуваа фактичката состојба со старите моликови шуми, како и ефектите од досега спроведените одгледувачки и обновителни мерки.
Од ЈУ Национален парк „Пелистер“-Битола, иницијатори и организатори на активностите, информираа дека процесот се динамизира и интезивира со цел попрецизно делување и креирање на финалните заклучоци кои треба да се пратат до Владата најдоцна до крајот на август оваа година.
-Претставниците на Шумарски факултет, Инспекторатот за шумарство, Инспекторатот за животна средина и вработените од ЈУНП Пелистер се согласни дека е потребно да се направи континуирано следење на сите процеси во моликовите шуми, детално да се проучи и анализира фактичката состојба од аспект на обновување и здравствена состојба со цел овозможување на нејзин одржлив развој, и да се изработи студија за заштита на моликовате шуми и студија за одгледување и обновување на моликовите шуми, истакна Иванчо Тошевски, директор на ЈУ Национален парк „Пелистер“-Битола.
Паралелно експертите работат на усогласување на потребните мерки со законската регулатива која ги опфаќа шумите и животната средина, соопштија од таа национална установа.
МИА
