Изминатава седмица имавме многу топло време со повремени врнежи од дожд на некои места.
Ваквите временски услови се оптимални за житните култури бидејќи се во последната фаза од животниот циклус – созревање. Созревањето на житата е мошне значајна фаза во нивниот живот. По правило побрзо созреваат есенските жита од пролетните. Освен метеоролошките услови, врз времето на созревање влијаат и други фактори како што се видот на сортите, својствата на почвите, агротехнички мерки, релефот и други фактори. Овие временски услови исто така беа поволни за зреење на некои видови на овошје како што се црешата, вишната, кајсијата и некои типови на зеленчук, како и за интензивниот раст и развој на пченката, сончогледот, и другите пролетни култури.
Под влијание на циклонска активност времето денес ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Локално ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), електрични празнења, силен ветер и појава на град. Во следните денови ќе се задржи променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Во сабота и во понеделник повторно се очекуваат поинтензивни процеси со пообилен пороен дожд и локално невреме.
При вакви временски услови земјоделските производители да посветат поголемо внимание на заштита на нивните посеви, можност за појава на болести и штетници, да преземат содветни агротехнички мерки заради постоење на оптимални услови за нивно ширење и развој, уништување на плевели преку плитка обработка на почвата, бидејќи нивната појава може значително да го намали приносот и квалитетот.
Предупредување: Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува под отворен простор. Да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води и заштита од нив.
Минималната температура ќе се движи во интервал од 9°C до 18°C, а максималната температура ќе се движи во интервал од 25°C до 35°C.
Извор: Агрометео
