Повеќе од 30 компании од земјава и регионот се дел од соларниот саем Максол Експо 2026 што четврта година по ред го организира Македонската соларна асоцијација.
За време на следните четири дена додека трае саемот ќе бидат презентирани најновите производи, технологии и решенија од областа на обновливите извори на енергија. Годинава, за првпат ќе бидат презентирани и начините и можностите за финансирање и добивање грантови преку Зелениот финансиски инструмент.
Претседателот на Македонската соларна асоцијација Илија Насов на денешното официјално отворање рече дека интересот за саемот од година во година е се поголем како за домашните, така и за странските компании.
– Кога пред четири години размислувавме што треба да направиме што ќе биде од корист и за нашите членки, но и за сите заинтересирани страни, срамежливо одлучивме да направиме соларен саем. Излезе дека таа одлука е успешна и направена во вистински момент, рече Насов.
Според професорот Даме Димитровски од Машинскиот факултет, кој е и претседател на Советот на Град Скопје, користењето на зелените финансиски механизми е едно од мерките за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје.
Димитровски со порака дека чистиот воздух не може да биде луксуз, но дека секој од нас мора да го препознае својот удел во загадувањето и да започне со користење на соларната енергија.
– Искуството укажува дека секој денар што денеска ќе го вложиме во чиста енергија ќе се исплати и во заштеда на пари, и во заштеда на загадувачки емисии, и најважно во заштедени здравствени трошоци. Клучот за ваквите проекти е сепак во свеста. Секој од нас мора да го препознае својот удел во загадувањето, а потоа преку проекти како овој или со добри примери од ваквите проекти да започне со примена на ваквите технологии и ваквите системи и да ги имплементира во објектите што загадуваат, рече Димитровски.

Скопје, вели тој, може да биде поинаков град. Градови кои имале историја на поголемо загадување како Виена, Осло, Варшава денес дишат почист водух од нас.
– Тие го направија тоа со паметни вложувања, со јасна визија за градот, со јасна визија за индустријата и визија како домаќинствата да не загадуваат. Секој чинител ќе мора да даде придонес во оваа борба. Чистиот воздух не може да биде луксуз, тоа е право на секој граѓанин, истакна Димитровски.
Зелениот финансиски инструмент обезбедува пристап до финансиски средства за инвестиции во обновливи извори на енергија и во енергетска ефикасност. Наменет е за малите и средните претпријатија и за домаќинствата, а целта е да се намалат емисиите на стакленички гасови и загадувањето на воздухот.
Преку зелениот финансиски инструмент се нудат заеми за овие претпријатија и за домаќинствата кои се кредитоспособни, а кои сакаат да инвестираат во обновливи извори на енергија и ефикасни енергетски решенија. Домаќинствата добиваат поврат на средства до 30 проценти од главнината, а малите и средните претпријатија до 10 проценти.
Досегашните резултати, според постојаниот претставник на УНДП во земјава Армен Григоријан, се охрабрувачки.

Инструментот го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП заедно со Меѓународната организација за миграции – ИОМ и во соработка со Владата, Европската банка за обнова и развој и повеќе комерцијални банки.
МИА
