Законот за органско земјоделско производство беше усвоен во Собрание, означувајќи важен чекор кон развојот на земјоделството и усогласувањето на државата со европските стандарди.
Кога станува збор за органското производство често го среќаваме поимот, органско во преод. Тоа е периодот на премин од конвенционално во органско производство.
Што точно значи органско производство во преод?
(1) Земјоделците и субјектите коишто произведуваат во аквакултура мора да го почитуваат периодот на преод, при што во текот на целокупниот период на преод се применуваат сите барања за органско земјоделско производство утврдени со овој закон и прописите донесени врз основа од овој закон.
(2) За производство во аквакултурата периодот на преод за објекти коишто не можат да се исушат, исчистат и дезинфицираат е 24 месеци, за објекти коишто се исушени или се во состојба на мирување е 12 месеци, за објекти коишто се исушени, исчистени и дезинфицирани е шест месеци, а за објекти на отворени води, вклучувајќи ги оние коишто произведуваат школки, периодот на преод е три месеци.
(3) За да можат растенијата и растителните производи да се сметаат за органски производи, барањата за производството утврдени со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон мора да се применувале на земјоделски парцели во текот на периодот на преод од најмалку две години пред сеидбата или кај ливадите и повеќегодишните фуражни култури, во текот на периодот на преод од најмалку две години пред нивната употреба како органска храна за животни или кај повеќегодишните култури освен фуражни култури, во периодот на преод од најмалку три години пред првата берба на органските производи.
(4) Ако земјиштето или една или повеќе парцели не се исчистени од производи или супстанции кои не се одобрени за употреба во органско земјоделско производство, надлежното контролно тело може да донесе одлука за продолжување на периодот на преод за земјиштето или парцелите до една година после истекот на периодите наведени во ставот (3) на овој член, земајќи ги предвид следниве барања:
a) на крајот на периодот на преод, процесот на деградација на производот или супстанцијата мора да гарантира незначително ниво на остатоци во почвата или во случај на повеќегодишна култура во растението и
б) бербата добиена по третманот не може да се пласира на пазарот како органски производи или производи во преод.
(5) Периодот на преод започнува најрано кога земјоделецот или субјектот ќе го извести контролното тело за својата активност, во согласност со членот 34 став (1) од овој закон.
(6) Ниту еден претходен период не може ретроактивно да се признае како дел од периодот на преод, освен во случаи кога субјектот може да обезбеди доказ дека земјишните парцели биле природни подрачја или земјоделски површини коишто, во текот на период од најмалку три години не биле третирани со производи или супстанции кои не се одобрени за употреба во органско земјоделско производство.
(7) Производите произведени во текот на периодот на преод нема да се стават во промет како органски производи ниту како производи во преод, освен следниве производи:
а) растителен репродуктивен материјал, под услов да се почитува период на преод од најмалку 12 месеци и
б) производи од растително потекло и производи за храна за животни од растително потекло и нивни преработки под услов производот да содржи состојка од една земјоделска култура и под услов да се почитува период на преод од најмалку 12 месеци пред бербата.
(8) Со цел ретроактивно признавање на претходен период за период на преод субјектот треба да поднесе до контролното тело барање за ретроактивно признавање, приложувајќи и документација со која се потврдува дека земјишните парцели биле природни подрачја или земјоделски површини кои во текот на периодот од најмалку три години не биле третирани со производи или супстанции што не се одобрени за употреба во органското земјоделско производство.
Со барањето субјектот приложува:
а) мапи на коишто е јасно означена секоја земјоделска површина за којашто се бара ретроактивно признавање и податоци за вкупната површина на тие земјоделски површини, податоци за видот и обемот на тековното производство и, доколку се достапни, координати за геолокација и
б) податоци за применуваните агрономски практики на земјоделските површини во последните тр години до денот на поднесувањето на барањето, со цел проценка на евентуална употреба на производи или супстанции што не се одобрени за употреба во органското земјоделско производство.
(9) По приемот на барањето за ретроактивно признавање и документацијата од ставот (8) на овој член, контролното тело:
а) изготвува детална анализа на ризик за секоја земјоделска површина за која е поднесено барањето, земајќи ја предвид вкупната површина и агрономските практики што се применувале во последните три години до денот на поднесувањето на барањето;
б) доколку се утврди ризик од евентуална контаминација поради третирање со производи и супстанции кои не се одобрени за употреба во органското земјоделско производство, зема мостри од почвата и/или од растенијата од земјоделската површина и ги доставува во акредитирана лабораторија за вршење на лабораториски анализи;
в) спроведува контрола на лице место со цел потврдување на веродостојноста на податоците од ставот (8) на овој член доставени од субјектот;
г) прибира и оценува и други релевантни документи што ги смета за неопходни при оценување на барањето за ретроактивно признавање и
д) врз основа на извршената анализа, контрола и добиените резултати од акредитираната лабораторија, издава писмена изјава во која се наведува дали е оправдано ретроактивно признавање на претходен период како дел од периодот на преод, при што се наведува и почетниот период кој се смета за органски за секоја земјоделска површина и за вкупната површина за која што ретроактивно се признава претходниот период за период на преод.
(10) Контролното тело по проверка на барањето за ретроактивно признавање и приложената документација и по извршениот увид на земјоделската површина, барањето и целокупната документација од ставовите (8) и (9) на овој член ги доставува до Министерството, кое донесува одлука за ретроактивно признавање на претходен период за период на преод во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето и целокупната документација.
(11) Формата и содржината на образецот на барањето за ретроактивно признавање, како и документацијата која е потребно да се достави со цел ретроактивно признавање на претходниот период за период на преод во согласност со став (8) на овој член, поблиску ги пропишува министерот со прописот од членот 14 став (10) од овој закон.
Службен весник на РСМ бр.56/2026 од 17.03.2026 влегува во сила на 25.03.2026, ќе започне да се применува од 1 јануари 2027 година
