Денеска во просториите на МЗШВ се одржа работна средба на одгледувачите на овци со министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.
Според изјавата на Насер Џемаили – потпретседател на Сојузот на одгледувачи на овци „Модерен овчар“, на средбата фармерите го запознале министерот со моменталната состојба во овчарството, проблемите со кои се соочуваат, а разговарале и за очекувањата на фармерите околу мерките на Владата и соработката со ресорното министерство.

– Се радуваме како Сојуз на одгледувачи на овци „Модерен овчар“ дека оваа Влада приоритет ќе го има земјоделството и сточарството. Денеска ни беше прв состанок со новиот министер каде што зборевме за сите проблеми во сточарството. Ги забележавме проблемите кои се со приоритет, исплатата на сите заостанати субвенции од 2021 до 2023 година. Министерот ни вети дека ќе има исплата на неколку мерки во следните 10 до 15 дена, а другите ќе бидат расчистени после ребалансот на буџетот. Разговаравме и на други теми, за кои ќе информираме подоцна откако ќе ги направиме следните чекори во нашата заедничка работа со министерството – изјави за Агротим, Џемаили.

И министерот Трипуновски на Фејсбук информираше за средбата со одгледувачите на овци.
„Започнуваме со исплата на заостанатите субвенции за 2023 година, субвенциите за предадено јагне во кланица, се обврзавме да се креира посебен јавен повик за закуп на државно земјиште наменето за сточарите. Овие состаноци ќе бидат пракса и се почести во иднина. Ја зголемуваме грижата за македонските сточари и нивната вклученост во функционирањето, нивниот глас е слушнат, а нивното мислење е важно“ – напиша Трипуновски.
