Сè помалку свинско месо се произведува во Европската Унија. Иако цените растат, растат и трошоците за одгледување. Рекордните цени би можеле да ги поттикнат фармерите да го прошират својот бизнис, но скапите регулативи за сточарството, високите трошоци, намалената побарувачка и ширењето на свинските болести ги спречуваат да го сторат тоа. Се упатува на долгорочен пад на производството во ЕУ, најголемиот светски извозник на овој вид месо, пишува Ројтерс.
За разлика од претходните циклуси, европските одгледувачи годинава не брзаат да го заживеат производството и покрај рекордните цени. Втора година по ред се очекува надолен тренд кој кумулативниот пад ќе го доведе до околу 10 проценти. Ваков редослед на настани аналитичарите очекуваат и во наредните години.
Во изминатата деценија, оваа индустрија во Европската Унија беше погодена од руските трговски санкции, ширењето на африканската свинска чума на Запад и пандемијата Ковид-19. По закрепнувањето од оваа криза, со помош на порастот на кинеската побарувачка, притисокот врз производителите доаѓа до врвот.
Во студијата подготвена за COPA COGECA, се проценува дека до 2025 година производството на свињи ќе се намали за речиси една четвртина, а цените ќе се зголемат за речиси половина до 2035 година.
Аналитичарите очекуваат дека индустријата ќе биде многу погодена од фокусот на општеството на благосостојбата на животните и заштитата на животната средина.
Данска, која е фокусирана на извозот, забележала најмала бројнос на свињи во последните 25 години. Ефектите се чувствуваат и во други земји.
Исклучок е Шпанија, но и тамошните производители се погодени од зголемените трошоци и сè уште влијанието на епидемијата.
Во меѓувреме, во извозот, неконкурентните цени и послабото производство во ЕУ оставаат повеќе простор за добавувачите во Бразил и САД да ја задоволат побарувачката од Кина.
