Кога ќе почнеме да садиме расад од зеленчук на постојано место, еден од предусловите за добар принос е длабочината на садење. Во основа, можеме да кажеме дека садењето се врши до котиледонските листови кои доаѓаат во пар. Треба да се знае дека тоа не се првите листови и паѓаат додека растението се развива и расте.
Во некои случаи, котиледоните паѓаат уште при производството на расадот, на што големо влијание има стресот. Затоа внимавајте при купувањето расад. Доколку забележите дека на него нема котиледони, тоа е еден од првите знаци дека растението било изложено на стрес. Покрај тоа, постојат и други знаци, а за некои видови и сорти е карактеристично што брзо ги отфрлаат овие ливчиња.

Билките кои се издолжиле можеме да ги засадиме подлабоко. Тоа е особено корисно за доматите, бидејќи тие формираат странични корени од стеблото. Исто така, развиваат нови корени на заперчињата кои ги откинуваме, па во текот на сезоната и нив можеме да ги засадиме.
Садниците од домати се садат на длабочина од околу 8 см. Ако се слаби, можеме да ги откинеме долните два листа и да ги засадиме малку подлабоко. Ова ќе овозможи формирање на силен корен, а со отстранување на листовите спречуваме контакт помеѓу лисната маса и почвата, односно инфекција од патогени. Колку е постар расадот, толку потешко се вкоренува и дава помал принос.
Меѓутоа, некои видови зеленчук не толерираат длабоко садење. Таков е случајот со зелката, цвеклото и јагодите. Тоа предизвикува прекин и заостанување на растот, а може да дојде и до уништување на растенијата. Овие видови најдобро е да се засадат на ниво со површината на земјата, односно да се засади до длабочина што може да се види на стеблото дека била во расадникот.

Марулата е уште почувствителна. Се сади плитко, дури и над површината на почвата. Така ја спречуваме појавата на гниење, особено ако почвата е премногу влажна.

При садење, внимателно извадете ја земјата со коренот, внимавајќи да биде што помалку оштетена. Дупката за садење треба да биде доволно широка и длабока.
