Според податоците на Руската унија за житарки, оваа земја од 1 до 10 април испорачала 2,196 милиони тони жито за извоз, што е за 2,6 пати повеќе отколку во истиот период минатата година, пренесува APK Inform.
Поточно, во првите 10 дена од овој месец испораките на пченица се тројно зголемени – на 1,95 милиони тони. Извозот на пченка изнесува 168,7 илјади тони (+32,1%), јачмен – 76,2 илјади тони (1,5 пати намалување).
За овие десет дена во Саудиска Арабија се испорачани 219,4 илјади тони пченица, а со купување овој месец почнала и Либија (63,3 илјади тони), Пакистан (59,8 илјади тони), Танзанија (54,2 илјаси тони), Јемен (53,9 илјади тони), Шпанија (43 илјади тони) и Израел (33 илјади тони).
Растат и испораките во земјите кои се традиционални купувачи на руска пченица – за Турција се зголемени за 32,3% на 540 илјади тони, Египет за 3,3 пати на 180,8 илјади тони, и Иран – за 24% до 162,6 илјади тони.
Се предвидува дека Русија во април може да извезе околу 4,2-4,5 милиони тони пченица, што е блиску до рекордот за овој месец, прогнозира SovEcon.
Во април 2020 година се извезени рекордни 5 милиони тони.
Како што истакнуваат аналитичарите, извозот на руската пченица се забрзува поради падот на цената на житото во земјата и стабилизирањето на светските пазари. Така, од 6 април, цените на руската пченица од трета класа паднаа на 11.475 рубли за тон (0,13 евра/тон). Последен пат толку ниска вредност е забележана на 27 ноември 2019 година. Високите залихи и ниската побарувачка се главните фактори зад овој тренд.
Тие наведуваат и дека извозните цени на пченицата се стабилизирани.
