Бугарија размислува да го забрани увозот на житарки од Украина, како што веќе направија Полска и Унгарија, и покрај силното противење од Брисел, најави во Пловдив министерот за земјоделство на Бугарија, Јавор Гечев.
-Бугарските интереси мора да се заштитат, особено кога на овој начин реагираат две заинтересирани земји. Ако не постапиме на сличен начин, акумулацијата на (проблематично) жито на бугарска територија може да стане уште поголема – рече Гечев.
Унгарија и Полска веќе го забранија увозот за да ги заштитат своите земјоделци и трговци со земјоделски производи, а во Бугарија очекуваат да видат официјални извештаи од тие земји за правната основа за воведување забрани за увоз.
После тоа, министерствата за земјоделство и економија „ќе комуницираат со претседателот, кој има директна одговорност во оваа ситуација“.
Оваа најава, како и забраните во соседните земји, уследија по бранот протести на земјоделците во Бугарија и Романија против увозот без царина и инаку поевтините украински житарки и храна.
Поради напливот на евтино украинско жито, на само неколку месеци пред националните избори на кои клучни се „аграрните гласови“, Полска во саботата го забрани увозот на жито од Украина, а потоа истото го направи и Унгарија.
Конфликтот меѓу Русија и Украина го затвори главниот извозен пат на житарки од Украина преку Црното Море, па евтината храна ги преплави соседните земји: Унгарија, Полска, Романија и Словачка, но поради евтиното жито, дури и српските извозници не можат да го продадат своето поскапо жито преку Констанца.
ЕУ ја осуди забраната од источните земји членки.
-Трговската политика е во исклучива надлежност на ЕУ (Брисел) и затоа не се прифатливи еднострани дејствија – се вели во соопштението.
Некои други земји од ЕУ, исто така, се спротивставуваат на ограничувањата на увозот на жито од Украина, се разбира од свои причини. Така, Шпанија и Холандија се меѓу најголемите увозници на украинско жито, кое се користи за сточарската индустрија. Тие се засегнати од одлуката на Варшава со која се забранува и транзит на украински житарки во трети земји.
