Нивото на Вардар по последните обилни дождови минатата недела, во Велес изминатиот викенд беше зголемено, посебно кај двата велешки моста и во Градскиот парк каде реката беше надојдена. Но, официјално податоци за тоа нема бидејќи нивото на Вардар од јуни не се мери кај постоечката мерна станица кај Стариот мост на Вардар во Велес, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи. Посочуваат дека тие податоците за нивото на Вардар ги добиваат преку дневен билтен од УХМР.
Имено, УХМР до јуни годинава имаа ангажирано хонорарно лице кое го мереше нивото на Вардар во Велес. Од УХМР пред шест месеци најавија дека во соработка со локалната власт бараат друга попристапна локација каде ќе се постави мерната станица која ќе биде автоматизирана што ќе го мери нивото на Вардар во Велес за тие дирекно да ги добиваат податоците. Но, се уште таа локација не е избрана, а на старата веќе шест месеци не се мери нивото на Вардар во Велес, велат од Регионалниот центар за управување со кризи.
Од Регионалниот центар за управување со кризи во Велес за МИА информираат дека од УХМР редовно добиваат дневен билтен со вредности за нивото на Вардар на сите мерни места низводно Вардар од Јегуновце до Демир Капија, но нема дневни вредности за нивото на Вардар во Велес.
