Министерот Николовски е домаќин на министерот за земјоделство на Република Бугарија Јавор Гечев. Министрите се согласија дека земјоделство треба заеднички да се развива помеѓу нашите две земји, а зајакнувањето на меѓусебната размена на земјоделско прехранбените производи на пазарите во двете држави особено во услови на светска криза е приоритет.
Николовски и Гечев ја посетија винаријата „Попови“ во Кавадарци.

„Малите семејни винарии се мојата гордост. Иницијативата што ја започнав како министер, за развој на малите семејни винарии, денес вроди со успех, со плод. Една таква гордост е винаријата „Попови“, која ја посетивме денеска заедно со министерот за земјоделство на Република Бугарија Јавор Гечев.

Споделивме уште едно позитивно искуство со нашите соседи. Со грантови од 10.000 евра ги поддржуваме малите производители. Како министерство даваме силна поддршка за да се претстават на светските саеми и манифестации. Доказ за успешните политики кои ги водиме е рекордниот раст на формирани мали винарии, дури 60 годинава.

Со новиот модел за субвенционирање на лозарите покрај основните субвенции како дополнителна субвенција се утврдува и поддршката за винското и трпезно грозје. Наша цел е македонското сортно вино да биде препознаено низ целиот свет.“, рече Николовски.
Исто така, двајцата министри ја посетија и компанијата „Еко Груп“, која произведува производи од органски суровини.
„Ги споделуваме позитивните искуства со нашите соседи и ќе ја добиеме поддршката во фондовите поврзани со модернизација на земјоделството. Во посета сме на компанијата „Еко Груп“ во Кавадарци која произведува втеглени производи од органски суровини. Органски ајвар, лутеница, доматна салса, намази и уште многу други производи се на менито на оваа мала компанија која се пробива и на бугарскиот пазар.

Преку ИПАРД Програмата оваа македонска компанија го модернизира, унапредува и осовременува своето производство. Токму ваквите примери се доказ дека сме на вистинскиот пат. Земја лидер сме во регионот со најголем број на ивестиции и реализирани над 2.000 договори преку ИПАРД 2 Програмата.

Со новата ИПАРД 3 добиваме над 97 милиони евра неповратни средства за нови, модерни и значајни инвестиции за македонското земјоделство. Како министерство ќе продолжиме да ги поддржуваме малите производители за што поголема афирмација и достигнувања и на светските пазари.“, напиша министерот на својот фејсбук-профил.

