Во последнава година во Обединетото Кралство и ЕУ усмртени се околу 48 милиони птици и живина поради најголемата епидемија на птичји грип досега.
Во Британија е откриен 161 случај на HPAI кај живината, што резултирало со усмртување на 3,2 милиони птици. Во 2020/21 година во таа земја се регистрирани 26 случаи. Минатата година во Обединетото Кралство имало 1.727 случаи на птичји грип кај популацијата на дивите птици, и тоа на 406 локации, пишува Би-Би-Си.
Во претходните години вирусот претежно изумираше во текот на летните месеци, но оваа епидемија траеше во текот на целата година и се покажа дека полесно се шири меѓу популациите на птиците. Главната ветеринарка во Велика Британија, Кристин Мидлмис, рече дека високото ниво на болести кај дивите птици доведува до зголемување на случаите на комерцијалните фарми.
„За жал, очекуваме бројот на случаи да продолжи да расте во наредните месеци бидејќи птиците преселници се враќаат во Обединетото кралство“, предупреди таа.
Ричард Грифитс, главен извршен директор на Британскиот совет за живина, рече дека ова е „најпредизвикувачката сезона на птичји грип досега“.
Најновите податоци за птичјиот грип кои ги покриваат Европа и Обединетото Кралство, а кои ја следат епидемијата од октомври 2021 до 9 септември 2022 година, беа објавени вчера од страна на Европската управа за безбедност на храната (EFSA), Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) и Лабораторијата на ЕУ за птичји грип.
Во извештајот стои дека до 9 септември годинава биле убиени 47,7 милиони птици. Се вели дека вирусот се појавил во 37 земји, ширејќи се од Свалбард до Португалија и на исток до Украина. Сепак, се додава дека бројките би можеле да бидат повисоки во реалноста.
Иако во ЕУ не се регистрирани случаи на пренесување на вирусот на луѓе, еден таков инцидент беше забележан во југозападниот дел на Англија во јануари. Андреа Амон, директор на ECDC, ги предупреди фармерите и оние кои се во контакт со животните на фармата дека сè уште се изложени на „зголемен ризик од изложеност“ и ги повика работодавците да ги подобрат здравствените и безбедносните услови, пренесе Индекс.хр.
