Земјоделците во Србија почнаа со жетвата на пченката, а приносите на најдобрите ниви се максимум четири тони по хектар, а на некои полиња само неколку стотини килограми и се и до 90 отсто помали од просечните
„Родот е исклучително лош, предвидувавме дека ќе биде понизок за 80 проценти, а сега на терен гледаме дека е и 90 проценти помал од просекот. Се наоѓа еден кочан, па десет стебла немаат ништо“, изјави за Бета Драган Клеут, претседател на Сојузот на земјоделци од Банат.
Тој додал дека приносите на некои полиња се помали од еден тон, само 600 килограми по хектар. Просечните приноси во Србија кога климатските услови се релативно добри се од шест до осум тони, а максималните околу 15 тони.
Клеут рекол дека цената на пченката под 40 динари на Продуктната берза не е реална и дека килограм на пазарите се продава за 50 динари. Негова проценка е дека ниту една „астрономска“ цена нема да им помогне на производителите да ги покријат загубите од сеидбата при толку ниски приноси.
Според него, жетвата на пченката можела да почне и порано бидејќи растението и плодот биле „изгорени“ од високите температури во текот на летото, но сега дождовите ја зголемиле влажноста на зрното, а тоа би барало дополнителни трошоци за сушење, така што „од ништо би се добило уште поголемо ништо“.
Претседателот на Здружението на земјоделци од Стиг и Млава во општина Мало Црниќе, Драшко Живковиќ, рече дека жетвата на пченката во тој крај се уште не е започната масовно, но на нивата која е собрана и на која се променети сите агротехнички мерки, родот е четири тони што е за 30-40 отсто помалку од лани.
Тој додаде дека има и полоши случаи и дека земјоделски производител од Бачка Топола од еден хектар најквалитетно обработена нива собрал 1,7 тони.
„Тој производител сега продава земјоделска механизација за да може да ја врати ратата од кредитот, а се надеваше дека ќе ја врати со продажба на пченка“, вели Живковиќ.
Претседателот на Независното здружение на српски земјоделци, Јовица Јакшиќ, кој посеал 130 хектари со пченка, вели дека приносите се различни, од регион до регион, но дека имаат заедничко име дека се „катастрофални“. Има ниви каде што се применети сите агротехнички мерки и приносот е од 1,6 до 1,7 тони по хектар“, рече Јакшиќ.
Српските земјоделци, покрај неволите што ги следеа летово поради пеколно високите температури и сушата, сега ги следат и чести врнежи од дожд, поради што не можат да влезат на нивите со земјоделска механизација и да ја почнат или да ја довршат жетвата на пченката.
Извор: agronews.rs
