За да ги намалат сметките за енергија, италијанските производители на јаболка дошле до идеја да користат тунели, еден вид пештери, како природни ладилници, пренесува Дејли Стар.
Триста метри под нивните овоштарници во Предаја, мал град во регионот Трентино, Италија, групацијата Мелинда создала 34 области за ладење во огромните карпести пештери под падините на планината. Тие можат да складираат до 13 отсто од својот род и на тој начин да ги намалат трошоците за енергија.
Заштедиле повеќе од 30 проценти струја
Јаболката остануваат во контролирани услови на константна температура во текот на целата година. Плодовите се чуваат во пластични кутии наредени во неколку редови.

Мауро Ерлихер, менаџер на оваа фабрика рече дека лани заштедиле 32 отсто од потрошувачката на електрична енергија.
Складиште за околу 30.000 тони јаболка
Сегашниот капацитет за складирање е околу 30.000 тони, а се очекува да се зголеми на 40.000 тони јаболка во блиска иднина.
Ерлихер објаснува дека ладилниците вообичаено имаат сендвич панели изолирани со полиуретански и метални плочи за да ја одржуваат внатрешноста ладна. Во случајот со пештерите, карпите ја презеле таа улога.

Пред да можат да се користат, карпите се ладат со гас до длабочина од 5 до 7 метри, што значи дека одржуваат константна температура од 1 степен Целзиусов. Бербата почнала, а ќе трае од 30 до 40 дена.
Еден од фармерите, Лорис Калиари, рече дека биле скептични кога првпат слушнале за идејата, но брзо резултатите ги придобиле.
„Прво се двоумевме, но потоа сфативме дека тоа функционира, бидејќи има добра заштеда на енергија и е многу одржливо“, заклучил тој.
