Крупнолистен босилек, ситнолистен т.н. грчки и виолетов, односно тајландски босилек се трите сорти кои ги има на нашиот пазар. Често се одгледува и во домашни услови на тераса или во саксии на прозорец, бидејќи пестото стана омилен сос за тестенини.
Босилекот најдобро е да го одгледате од семки или да го купите како мал расад во тегла, од домашни производители и тоа од нива или расадник. Оние од продавниците се инстантно одгледани и најчесто се прераснати, така што ако ги погледнете добро и видите дека на 10-ина сантиметри од стеблото нема ливчиња и се полуовенати, значи дека се од стари растенија.
Кога ќе купите расад од босилек пресадете го во двојно поголема саксија. Внимателно одвојте ги растенијата на 2-3 дела, заедно со земјата и пресадете ги секој во своја саксија. Не заборавајте да ставите дренажа на дното од саксијата и по пресадувањето задолжително залејте го со вода. Можете да го прихранувате, но само со органски ѓубрива и тоа со третина од пропишаната доза. Зачините вообичаено не сакаат многу ѓубриво.
Одгледување од семе
Семе купете од докажани земјоделски аптеки, градинарски центри или поголеми супермаркети. При сеење немојте само да фрлите една рака семе во садот. Ако е прегусто насеано нема да добиете квалитетни растенија. Најдобро е да ставите по седум семки во една саксија со размер 10 см. Со природна селекција две семки нема да никнат, а од останатите пет, три ќе се развијат во убави здрави билки. Најслабите откорнете ги за да им дозволите на другите да растат убаво. Кога ќе пораснат до десетина сантиметри билките и кога ќе зајакнат, искинете ги горните ливчиња така што ќе останат 2/3 од стебленцето. На тој начин ќе го поттикнете растението да пушти странични изданоци и да зајакне. Кога на средина од пролетта ќе забележите дека е „гужва“ во саксијата, расадете ги во други саксии. На пазарите некаде може да најдете и билки со коренче, кои можете веднаш да ги засадите дома. Доволно е по една билка во саксија.
Редовно полевање
Босилекот треба редовно да се полева со вода, но во мали количини. Најдобро е вака: напролет кога ноќните температури се ниски, секој втор ден, кога ќе затопли и почнат топли денови, секој ден. Никогаш не смее да биде многу водена земјата, бидејќи не сака многу вода. Додадете малку вода во садот под билката. Избегнувате да ги полевате листовите, особено попладне. Ако забележите дека земјата е многу влажна прескокнете го полевањето. Ако сте заборавиле да го навадите, додајте вода во садот под саксијата. Земјата во која го садите нека биде универзален супстрат со неутрален pH и на саксијата задолжително да има дупчиња за истекување на вишокот вода.
И кога конечно ќе добиете убава здрава билка, можете да ги користите за готвење. Не ги корнете стебленцата, туку со ножички сечете ги горните и постари изданоци, а билките ќе пуштаат нови странични изданоци. Но, внимавајте да не пресечете многу, бидејќи потребно е да останат 2/3 од билката за таа да се регенерира.
