Десет дена без вода за наводнување е Овче Поле. Земјоделци од неколку села во Овчеполскиот регион денеска реагираа и велат дека стотици хектари засадени со детелина, бостан, пченка, лозови и овошни насади останаа без вода за наводнување. Родот им се суши и пропаѓа во нивите.
Никола Стојанов, млад земјоделц од светниколското село Пеширово вели дека тој има неколку хектари со детелина, а без вода ќе нема никакво производство. Детелината почнала да се суши на повеќе места низ нивата.
-Штетите се огромни, се ни се исуши. Имам под концесија земја, мои ниви, годинава ќе немам никаков род, а треба да платам за концесија, вода. За да опстанам ќе треба и кредит да земам, вели Стојанов.
Десетчленото семејство на Драги Павлов од село Долно Црнилиште егзистира само од земјоделство, годинава бостанот наместо да го продаде на пазарот, скапува на нивите.
-Сигурно имаме 20 тони „изгорени“ дињи, сега како што се исушени. Имам детелина околу 30 хектари, лозје околу три хектари и се е хаос, вели Павлов.
Земјоделецот Злате Јовановски освен со земјоделство се занимава и со сточарство. Годинава ќе нема храна за неговите крави, бидејќи детелината му се суши без вода.
-Претходниот откос исто немаше доволно вода и беше со 50 отсто, а сега ќе биде 80 отсто помал прионос на детелината. Што да правам ќе немам за моите крави, а не пак да продавам, вели Јовановски.
Земјоделците појаснуваат дека вода за наводнување добиваат преку ХС „Брегалница“, а одговорен за дистрибуција подружницата водостопанство во Свети Николе. Меѓутоа, кога побарале одговор кој е одговорен, секој различно им го презентирал проблемот.

-Од ХС „Брегалница“ велат дека тие немаат обврска да ни пуштат вода. Јас не знам на кого плаќаме за вода. Водостопанство Свети Николе треба да направи побарувачка и тврдат дека имало шест метри кубни вода во секунда, а ние немаме ниту еден кубик, никој не е наводнувал, вели младиот земјоделец Стојанов.
Земјоделецот Игор Коневски вели дека секој ден се на нивите, со надеж дека ќе дојде вода за нивите.
-Еве цевките ми се на нивите, нека дојдат нека кажат нема веќе вода, да не се нервираме едноставно, испоцркавме трчајќи и враќајќи се од дома до нивите, вели Коневски.
Во Овче Поле има 4 500 регистрирани индивидуални земјоделци и ова е единствен извор за егзистенција на нивните семејства. Тие бараат итна средба со ресорниот министер, Љупчо Николовски и на лице место да види каква е состојбата со системот за наводнување, но и штетите кои ги имаат на нивите, во спротивно како што велат, ќе бидат принудени да организираат масовни протести и блокади.
МИА
