Европската Унија, НАТО и ОН го поздравија применувањето на договорената спогодба за извоз на украински житарки, откако првиот брод рано утрово исплови од Одеса.
Првиот брод со житарки исплови во понеделникот од украинското пристаниште Одеса, според претходно постигнатиот договор за безбеден премин, соопшти украинскиот министер за инфраструктура Олександар Кубраков.
„Европската Унија го поздрави заминувањето на првиот брод и побара „целосна имплементација“ на договорот претходно договорен во Истанбул за повторен извоз од Украина, изјави портпаролот на шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.
„Ова е прва многу важна и добредојдена фаза и со нетрпение очекуваме да се имплементира целокупниот договор и да продолжи извозот од Украина на клиенти ширум светот кои се погодени од кризата со храна предизвикана од руската блокада на украинските пристаништа“, рече Петер Стано.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и се заблагодари на Турција што одигра „централна улога“ во постигнувањето договор за извоз на житарки.
„Сојузниците во НАТО цврсто го поддржуваат интегралното спроведување на договорот, чија цел е да се намали глобалната криза со храна предизвикана од руската војна во Украина“, нагласи тој во пораката на Твитер.
Бродот „Разони“ под знамето на Сиера Леоне е натоварен со 26.000 тони пченка и плови кон Либан. Во вторник се очекува да биде во Истанбул, каде треба да помине инспекција на Заедничкиот координативен центар.
„Либан зависи од извозот на житарки од Украина и е една од најпогодените земји од кризата со храна“, рече Стано.
Договорот потпишан на 22 јули во Истанбул меѓу Русија, Украина, Турција и ОН овозможи извоз од Украина под меѓународен надзор.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го поздрави заминувањето на бродот, велејќи дека се надева дека тоа е само прво од многуте други.
„Генералниот секретар се надева дека ова ќе биде прв од многуте комерцијални бродови што ќе пловат во согласност со потпишаната иницијатива и дека тоа ќе ја донесе потребната стабилност и олеснување на глобалната безбедност на храната, особено во најчувствителниот хуманитарен контекст“, се вели во соопштението на ОН.
