Излив на непроценлива среќа, буквално наплив од радост, огромна насмевка која се шири од едно до друго уво како средба со најдобри пријатели кои сте ги сретнале по пат, чувство на целосно исполнување. Сето ова, како и многу други физички и психички емоции во уморното од одење пеш, некаде далеку во самотијата на шумата, можат да предизвикаат само еден поглед на вргањот. Поглед на обичен вргањ, на еден од оние „вистинските“ кои се за јадење и многу вкусни вргањи кои оваа пролет се појавија во шумите на Осоговието.

Собирањето печурки за жителите на Кривопаланечко е вистинско уживање за многумина, можност за добра заработка ако те послужи среќа тој ден, идеална комбинација на физичка активност и престој во природа, можност за медитација и бегство од секојдневниот напорен живот… и замислете, сето тоа е бесплатно .

Нема ништо поубаво од тоа, уште рано изутрина, кога само што почнало да се разденува, берачот на печурки, во најчести случаи сам, а понекогаш заедно со челн на своето семејство или пак близок пријател, ќе се упати кон своите омилени „местенца“ кад обично знае да се појави вргањот. Опремен со торбиче и гајба, некое шише вода, леб и најчесто конзерва кои ќе му бидат потребни бидејќи нема да се врати дома толку брзо, зашто му претстои долг пат, пешачење по десетици киломатри за да се набере што повеќе.
На искусното око на берачот, шумата од почеток ќе му каже – да, нешто ќе се најде, ама треба добро да пребараш, а кога ќе ја најдеш онаа голема кафеава топка среде ливада или во близина на коренот на дрвото , чувството на задоволство е незаменливо. Да, тоа е огромна среќа. Берачите на печурки си имаат своја шема, своја дестинација и угоре високо по планина се искачуваат на надморска висолчина и до 1.200 метри.

Најдобро време за раст на печурките е кога земјата е влажна, кога се бере вргањот треба внимателно да се дојде до него, да се разгледа наоколу, зашто кај оние со поголема капа, малку е ризично да се подаде раката и веднаш да се откине од земја. Прво што треба да се направи со стапче да се расчепка наоколу па потоа да се извади од земја. И ова не е правилен начин на берба, како што велат стручњаците, тие советуваат дека вргањот не треба да се корне од земја туку за тоа да се користи мало ноже со кое ќе се отсече долниот дел, а коренот треба да остане во земја. Исто така постои и една финта при бербата, полека и нежно да се чукне по капата, зашто токму тој звук и ќе ја открие неговата старост, ако звукот е силен тоа значи дека вргањот е млад.

Вообичаено стартот на сезоната започнува некаде после 20 мај, кога се појавуваат првите печурки од сортата вргањ, па потоа бербата продолжува во текот на летото, за на крај да заврши наесен со сортата есенка, која за берачите е вистински предизвик, зашто може да се најде скриена длабоко под лисја и мора добро да се знае каде може да се најде.


За разлика од лани кога вргањот се појави само на стартот на сезоната и берачите воопшто не се „офајдија“ оваа година печурката ја има иако можеби не премногу како во минатото сепак знае да се појави на радост на берачите, кои ги има во голем број, како од градот така и во селата расфрлани по ридиштата на Кривопаланечко. Во овој крај бербата на шумски плодови е дополнителна заработка на бројни семејства или можеби и еден од главните извори на приходи, особено во селата, кои покрај редовните активности на своите ниви засадени претежно со компир, грав и пченка се занимаваат и со берба на печурки.

Деновиве на откупните пунктови цената за откупен килограм печурки на почетокот изнесуваше 250 денари за килограм, но со текот на времето како се зголемува бербата така се намалува и цената, па така да моментално килограм вргањ се откупува од 180 до 200 денари за килограм и тоа онаа која ја рангираат во прва класа, поубавата, поздрава и поквалитетна, додека оние со послаб квалитет, или како што ги нарекуваат втора класа, се продаваат за половина цена. Бербата на печурки е нешто за кое „живеат“ кривопаланчани, мало гратче на Североистокот каде што нема многу индустрија, животната средина е чиста, а куќите и дворовите се обвиткани во зеленило и шума.

Во добри времиња, како што ни објаснија во некои од откупните пунктови , дневниот откуп на почетокот на сезоната се движел по 3-4 тони додека кога бербата е во полн ек откупот може да достигне и до 12 тони на ден. Откупената печурка во свежа состојба најчесто се извезува во западноевропските земји Франција, Италија, Германија и друго, додека помал дел се остава за домашниот пазар , каде во свежа и сува состојба се користи во трговските синџири и угостителските објекти.
