По краток пад, цените на житарките повторно се во пораст. Пазарот на житарки е подложен на различни влијанија – од временските услови преку политичките превирања до ситуацијата што ја снајде Европа, а потоа и светот – војната во Украина која влезе во четвртиот месец.
Сведоци сме како цените на житарките рапидно се зголемуваат во последните месеци, за да паднат по веста за отворањето на пристаништата на Црното Море. Но, доволна беше објавата во медиумите дека Русија го бомбардирала главниот терминал за товарење жито и други земјоделски производи во Миколајев, за цените повторно да пораснат.
Имено, цените на пченицата забележаа силно закрепнување на почетокот на неделата. На париската берза Матиф, договорот за нова пченица (септември 2022 година) поскапе за 19,25 евра или повеќе од 5 отсто на 397,50 евра/тон во однос на крајот на претходната недела. Привремено е надмината и границата од 400 евра.
Растат вредностите и на пченката и на маслодајната репка
Кога станува збор за чикашката берза, цената на пченицата во јулскиот договор се зголеми за 5,1 отсто на 401,60 долари за тон. На годишно ниво, котациите се зголемија за 58,9 отсто. За пченката во јулскиот договор, изнесува 292,31 долари/т, што е за 2,13 отсто повеќе, наведува Фармер.
И вредноста на маслодајната репка, исто така, привремено порасна. Цената од 804,50 евра/тон во понеделникот беше за 28,75 евра или за 3,7 отсто повисока од петокот. Августовскиот договор падна за речиси 2 отсто на 789,50 евра/т.
Невреме во Франција
Со оглед на временските услови, сушата, топлотните бранови и силните бури, треба да се претпостави дека овие вредности ќе останат високи. Сушата што ја погоди Југозападна Европа уште во пролетта, а потоа и топлотниот бран.
Покрај тоа, градот и обилните дождови во Франција минатиот викенд предизвикаа значителна штета на пченицата и јачменот низ целата земја. Оштетена е и пченката во Бретања.
„Прво имавме историска суша, историски топлотен бран во мај, а сега историски град. Климата е драматична за земјоделството. Жетвата ќе биде 30 отсто послаба на одредени култури во Франција“, рече Кристијане Ламбер, претседателка на францускиот синдикат FNSEA за France TV Info, пренесува Агроклуб.
