„Нелкоски Органик Фуд“ е извозно ориентирана компанија која се занимава со органско производство на лешник и путери од лешник со додавање на различни вкусови. Производството го вршат во сопствени производствени погони во с. Драслајца, Струга. За почетоците, развојот, инвестициите, процесот на производство, разговаравме со менаџерката Викторија Јовческа.

„Приказната за нашите производи да се брендираат како ЗАУМ производи е сентиментална и важна за целото наше работење, односно станува збор за приказна која ја отсликува важноста на убавиот сплет на здравата храна, традицијата и семејството. Заум е бренд на производи кој значи многу. Тоа е бренд кој нуди сигурност, безбедна храна, највисоки сертификати за квалитет. “, рече менаџерката Викторија Јовческа, која ни го раскажа емоционалниот дел од приказната за ЗАУМ.

„Тука накратко би раскажала и за емоционалниот дел од приказната за ЗАУМ, приказната за дедо Спасе. Дедо Спасе е еден од прадедовците на сегашниот сопственик. Тој бил човек кој го пропатувал целиот свет. Но, ехото на татковината го натера повторно да се врати во родниот крај, поточно Драслајца, преубаво село близу Охридското Езеро. Неговите авантури беа причина целото село да се собере во неговиот двор и до доцна во ноќта љубопитно да ги впива приказните за петте континенти. Во малата, но совршено уредена градина на Дедо Спасе имаше различни сорти на дрвја. Но сепак, нему омилени му беа петте лески кои ги негуваше со посебна љубов, а неретко карактеристиките на лешникот знаеше вешто да ги искористи како метафора во своите приказни…
Дедо Спасе раскажуваше дека лешникот му дава сила, енергија, но и му го варди Умот, затоа и можел до доцна во ноќта да раскажува приказни, а преку ден да работи полн со енергија.

За лешниците велел дека ги јаде ЗА УМ. Така и во семејството остана приказната – ЗАУМ.
Приказна која се пренесува од колено на колено и трае повеќе од 150 години. Дедо Спасе одамна го нема на овој свет. Но, неговата лешникова градина продолжи да живее. Денеска на истото место, на 700 метри надморска височина, во чиста еколошка средина, потхранети со енергијата на струшкото сонце се одгледуваат најубавите лешници во Македонија. За нив се грижи правнукот на дедо Спасе. Во секој мал плод на овие лески е спакувано огромно богатство од хранливи состојки, витамини и минерали. Бошко одлучил лешниците да ги сподели со светот исто онака како што пред многу години неговиот прадедо несебично ги споделуваше своите приказни. Органските јаткасти плодови кои ги одгледува во Драслајца се главната состојка на секој производ на ЗАУМ.“

Компанијата Нелкоски Органик Фуд постои веќе четири години, од 2018 година. Развојот на компанијата е повеќе од 10 години, а во тој период на развој компанијата добила сериозна поддршка од различни институции, компании, донатори и сл. Заедно со уште 10 семејни компании заеднички ги пласираат своите производи под брендот „Премиум производи“. Ваквиот пристап овозможува сите овие производители да добијат поголема видливост и присутност во малопродажбата. Моделот беше препознаен како уникатен и поддржан од швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка.
„Целата инвестиција, а и општо целата идеја за производство на органски производи беше инспирирана од честите патувања и посети на лешникови плантажи од страна на сопственикот г. Бошко Нелкоски. Прво почнавме со сопствена инвестиција од насадување на 5 хектари лешник, потоа приказната продолжи со помош од проектот ПУМ преку Холандската амбасада кој ни помогна да развиеме оригинални идеи и да ја развиеме нашата фарма. Продолживме со искористување на дел од ИПАРД програмите за надградба. Сериозен скок за подигнување на нашите капацитети како фабрика и модернизација на истата беше помогнато од страна на ФИТР. Тука успешно ги имплементиравме најголемите светски стандарди за квалитет како што се ИСО 22000, ИФС ГМ, Хасап, Халал, ЕУ органик, МК Органик и Био Свис. Потоа обезбедивме поддршка од Австриската развојна агенција, Швајцарската развојна фондација и ИМЕ. Како компанија ги користиме и можностите на Инвест Македонија и Министерство за економија и земјоделие.“

Јовческа напомена неколку институции кои сериозно влијаеле врз комплетниот развој на компанијата:
-ПУМ експерти преку Холандската Влада. Преку врвен експерт од универзитетот во Вагенинген во Холандија, нашата компанија доби можност за експертско мислење за развој како на самите лешникови насади и производители, но и за развој на преработки во самата компанија. При посетата на Холандија, нашата компанија доби можност за запознавање со најврвните сертификати за органско производство кои ги користиме и денес.

-ИМЕ проект на Швајцарската амбасада. Мора да напоменеме дека стратешката соработка со ИМЕ и со Швајцарската амбасада ни донесе можност за продажба на нашите производи во Швајцарија. Преку оваа можност нашата компанија доби БИО Свис сертификација и го подигна нивото на производство со нови машини и успеа да направи пласман на свои производи во Швајцарија. Само после 2 години, денес со гордост може да кажеме дека ние како компанија сме оценети како класа А добавувач на швајцарските партнери.
-Австриска развојна агенција, преку која со нашите партнери од Австрија ги подигнавме капацитетите за природно сушење на лешникот со цел подигање на квалитетот и освојување на нови пазари во Австрија.
-и многу други како ФИТР, Министерство за економија, Инвест Македонија, ХАЛБА КООП, кои през годините ни помогнаа да се развиеме и растеме.
Во „Нелкоски Органик Фуд“ работат седуммина вработени.
„Во моментов во процесот на производство имаме 7 обучени вработени кои подлежат на редовни санитарни и здравствени контроли. Помошта од семејството е неизбежна кога станува збор за фамилијарен бизнис како нашиот, но повеќе може да се смета во однос на логистика отколку на производство.“, вели Нелкоска.
Процесот на производство на путерот се состои од технички и технолошки дел. Голем дел од набавената опрема се користи во синхронизирани процеси со цел добивање на најквалитетен продукт кој ќе биде конкурентен на пазарот како со квалитет, така и со цена.
„Како новоотворена компанија која се соочи со доста предизвици кои ни ги наметна ковид кризата и наглата инфлација, може да кажеме дека сме задоволни од продажбата и пласманот на нашите производи. Како што веќе спомнав, 90% од вкупната продажба е од извоз во странство. Со добивање на Био Свис сертификатот ја зајакнавме соработката со компании во Швајцарија и редовно извезуваме органски лешник во Швајцарија, склучивме договор за ексклузивитет со партнери од Австрија и од Германија. Редовен извоз и одлична соработка имаме со партнерите од Словенија, а како нови купувачи со кои почнавме соработка во 2021 година може да се спомнат од Србија и од Бугарија. Важно е да напоменеме дека во Македонија сме присутни само во мал дел трговски објекти како што се ДМ Маркети, Тинекс маркетите за здрава храна во Скопје, Мега Миса во Струга и уште неколку подобри маркети во државата. Сакам да напоменам дека ние сме меѓу ретките компании кои сме присутни и на нашите аеродроми во фришоповите, како екслузивни органски производители.“

Во моментов под брендот ЗАУМ има 5 различни видови на органски путери и намази и тоа: Органски чист путер од лешник; Органски путер од лешник и мед; Органски путер од лешник, мед и какао; Органски кралски крем (органски путер од лешник, крупно мелен (кранчи) и мед) и органски чоко намаз како и печен ии непечен органски лешник. А под брендот Golden Nut во моментов го имаме Охридскиот Крцкав Крем (чист путер од лешник со парчиња печен крупно сецкан лешник).

„Може да кажеме дека имаме доста планови за иднина кои претежно се однесуваат на зголемување на продажбата преку извоз во земјите на ЕУ како и производство и патентирање на нови производи. Исто така во моментов работиме на отворање на откупен центар за лешник и помош преку невладин сектор за преминување од конвенционално во органско производство и на изработка на мобилна апликација преку којашто ќе може да ја следиме работата на сите наши идни добавувачи, односно ќе сме директно вклучени во целиот процес на одгледување на лешникот. Планираме инвестиција во технологијата, зголемување на квалитетот на производството преку воведување на нови стандарди за квалитет, привлекување и реализирање на нови вработувања со што би пораснале и би се зајакнале како претпријатие.“, вели Јовческа.
