Општина Кочани во соработка со подружницата „Осогово“ на ЈП „Национални шуми“ денеска ја почна акцијата за пролетно пошумување на дел од површините што минатата година настрадаа во пожарите.
Почетните активности се реализираа на локалитетот Рамни ниви во атарот на селото Бели, каде целосно изгоре зимзелена шума на површина од шеесетина хектари. Заради малата надморска височина и несоодветните климатски услови за обновување со бор, на теренот се засадуваат листопадни дрвца.

-Грижата за здравата животна средина и за обновување на штетите од огнената стихија ја покажуваме токму на почетокот на пролетта и на одбележувањето на Меѓународниот ден на водите. Засадуваме поголем број млади садници од јасен, јавор и багрем, а компанијата „Пејпар мил“ учествува со своја донација за пошумување на околу два хектара. Им благодариме на вработените во шумската подружница од Кочани за техничката соработка во реализирањето на акцијата, како и за подготовката на теренот, истакна градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.
Во акцијата се вклучија и ученици од општинските основни и средни училишта, припадниците на Територијалната противпожарна единица и на доброволното противпожарно друштво, како и вработени во локалната самоуправа на Кочани.
На првиот ден од пошумувањето беа засадени четири илјади садници на околу два хектара, а со планот за обновување на изгорените површини за оваа година ќе бидат опфатени вкупно 50 хектари.

МИА
