Европската комисија на Советот на министри за земјоделство и рибарство (Агрифиш) што се одржа вчера во Брисел, претстави сет мерки за помош на земјоделскиот сектор.
Се предвидуваат вонредни мерки за помош за земјоделскиот сектор во износ од 500 милиони евра, користење земјиште за пасење на добитокот или за растително производство, зголемување на авансните плаќања, приватно складирање на свинско месо и привремена кризна рамка за државна помош за земјоделско-прехранбениот сектор.
Поддржана е и иницијативата со која се повикува Комисијата да преземе соодветни мерки како одговор на значителното зголемување на трошоците за суровини и енергија во рибарскиот сектор.
Што е можно поскоро одобрување на стратешките планови
Комесарот за земјоделство, Јануш Војчеховски го презентирал прелиминарниот осврт на Комисијата за доставените стратешки планови и ги најавил следните чекори во процесот на нивно одобрување. Министрите во нивните интервенции ја истакнале важноста од согледување на стратешките планови во светлината на актуелните настани кои во преден план го доведуваат прашањето за безбедноста на храната, како и потребата да се почитува специфичноста и еднаквиот пристап кон сите земји членки.
Министрите размениле мислења за унапредување на производствениот потенцијал на растителни протеини, резултатите од состанокот на министрите за земјоделство на Г7 на 11 март, употребата на алтернативни извори на азот за решавање на кризата со ѓубрива и очекувањата за претстојната ревизија на политика за квалитет на земјоделско-прехранбените производи.
Дополнително, тие ја истакнале потребата да се земат предвид специфичностите на земјите членки и појдовните точки во однос на најавената законска иницијатива за одржлива употреба на пестициди и разговарале за потребата да се најде соодветна замена за хемиските пестициди.
Извор: agroklub.com
