Модерната технологија сѐ повеќе влегува во шталите. Доказ за тоа е органската фарма на Кристоф Бригел во германскиот град Кислег, која е една од најмодерните во Европа. Таму кравите, кои се околу 100 на број, сами одлучуваат кога ќе бидат молзени и тоа автоматски.
Кристоф вели дека денес си ја врши својата работа со роботи и паметни телефони.

„Имаат потполно слободен пристап до автоматскиот систем за молзење и кога ќе дојдат добиваат мала награда – жито. И затоа сакаат сами да доаѓаат“, вели Бригел, опишувајќи го овој систем заснован на наградување за пожелно однесување.
Следење со апликација
Автоматското молзење е од голема корист бидејќи на фармерите им дава целосна флексибилност во нивната секојдневна рутина. Преку апликацијата може да се пристапи до податоци за секое животно и да се добијат информации како што се на пример, кога последен пат кравата се појавила на молзење и колку млеко дала.

Исто така, на излезната врата има уред кој ги проверува податоците од предавателот кој се наоѓа на нејзиниот врат. Откако ќе ги прочита информациите за тоа кога последен пат била молзена, уредот одлучува дали смее да оди на пасење или не.
„Тоа е одлично за нас затоа што автоматски ги бира кравите и ги пушта оние кои редовно даваат млеко“, вели тој.
Роботот за чистење

На фармата има и робот за чистење, кој му помага на фармерот да ги одржува каналите во подот чисти 24 часа на ден.
„Генерално, работата на фарма треба да ви даде можност да уживате во она што го работите“, вели Бригел.
