Оваа недела ЕУ официјално ќе објави нови санкции со кои ќе се забрани влез на руски и белоруски транспорт во пристаништата и патиштата на ЕУ, пренесува Аpk-inform.
Според овој извор, ЕУ ќе им забрани на бродовите во руска сопственост и оние со кои управува Русија да влегуваат во пристаништата на земјите од ЕУ. Исто така, на руските и на белоруските превозници ќе им се забрани пристап до системот за патен транспорт на Унијата.
Покрај тоа, лондонскиот Lloyd, кој ги обединува компаниите во поморскиот сообраќај, ги додаде сите руски води на листата ризични зони.
„Суво пристаниште“ за украински производи
Од друга страна, Полска работи на изградба на „суво пристаниште“ на границата со Украина за да го зголеми капацитетот за извоз на нивните земјоделски производи, особено во трети земји, изјави полскиот министер за земјоделство Хенрик Ковалчик за време на онлајн средбата со украинскиот министер Микола Солски.

Разговарале за организација на снабдување со украински земјоделски производи на традиционалните пазари, како и за алтернативни транзитни рути низ територијата на ЕУ, објавено е на фејсбук-страницата на ресорното министерство.
Во таа земја, среде блокадата на поморските пристаништа се обидуваат да го зголемат извозот на земјоделски производи на 1,5 милиони тони месечно, изјави Тарас Висоцки, прв заменик министер за аграрна политика.
Затворени се пристаништата Одеса и Миколаев
„Украина беше меѓу ТОП-5 извозниците во последните години. Дури 90 отсто од извозот беше преку пристаништата Одеса и Миколаев. Тие се блокирани повеќе од еден месец“, потсети Висоцки, откривајќи дека во февруари извозот на земјоделски производи со железница изнесувал 150 илјади тони и 300.000 тони во март. „Потенцијално може да достигне 1,5 милиони тони. Работиме на искористување на сиот наш потенцијал“, нагласи тој, додавајќи дека шест украински складишта за житарки се уништени од почетокот на руската инвазија.
„Во однос на вкупната потрошувачка, загубите не се критични. Имаме доволно храна на залиха, имаме повеќе храна отколку што ни е потребна за годишна домашна потрошувачка. Истовремено на земјоделците им требаат пари за пролетна сеидба. Треба да го продадеме нашиот род за да ги прехраниме животните и да ја одржиме работата на секторот“, заклучи тој.
