Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) започна постапка за дополнително етапно спроведување на максимална рестрикција на осветлувањето поставено на државните патишта, со запазување на безбедноста на сообраќајот во ноќните часови, информираа преку нивната фејсбук-страница.
„Во насока на растеретување на енергетскиот систем од недостиг на електрична енергија во Република Северна Македонија, а согласно со Уредбата на Владата од 30 октомври 2021 година со која се предвидува минимален сигурносен обем на осветлување на улици, плоштади и други објекти во земјава, која ги опфаќа и патиштата, Јавното претпријатие за државни патишта започна со рестрикција на осветлувањето на државните патишта.

Имено, спроведувајќи ја одлуката на Владата, ЈПДП започна со намалување на осветлувањето во ноември 2021 година. Во време кога државата се соочува со предизвикот на решавање на енергетската криза сакаме да ја известиме јавноста дека Јавното претпријатие за државни патишта започна постапка за дополнително етапно спроведување на максимална рестрикција на осветлувањето поставено на државните патишта, притоа запазувајќи ја безбедноста на сообраќајот во ноќните часови. Рестрикции на осветлувањето нема да се вршат во тунелите на државните патишта во Република Северна Македонија.
Од оваа причина ЈПДП ги повикува корисниците на патиштата да ја прилагодат брзината на движење спрема условите на патот и да бидат внимателни заради нивна безбедност и безбедоста на останатите учесници во сообраќајот.“, стои во објавата на Јавното претпријатие за државни патишта.
