Според изјавата на помошникот-директор на Секторот за одгледување, подигање, екологија и лов, Маре Басова, на 13 декември, во близина на селото Софилари, во атарот на општината Штип, ЈП Национални шуми спроведе пошумување со околу 500 садници од бела топола и бела и кршлива врба на површина од околу 2 ха, а истата е во управување на јавното претпријатие. Пошумувањето се спроведува со цел закрепнување и обновување на делови од крајречниот шумски појас покрај реката Брегалница.

Оваа активност е новина во расадничарството на јавното претпријатие, кое како партнер е вклучено во Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија -ПЗП(2017-2021), проект на Швајцарската агенција за развој на соработка. Конкретно оваа активност е дел од компонентата на програмата, што се однесува на обновување на крајречните шуми долж реката Брегалница, со цел подобрување на нивните основни функции во заштита од ерозија и поплавување на околните површини.
Во последните четири години, ЈП Национални шуми во соработка со Македонското еколошко друштво и во координација со Фармахем како национален координатор на ПЗП, ги зајакна своите капацитети во овој тип на производство што е пионерска активност во регионот. Во текот на 2021 година во расадниците на ЈПНШ во Кавадарци и Делчево, се произведени повеќе од 1000 садници од овие крајречни видови. Овие садници ќе бидат засадени покрај реката Брегалница и на други нарушени делови од рипариски појаси во брегалничкиот слив. Крајречните (рипариските) шуми имаат голема улога во регулирањето на речните сливови, со што спречуваат ерозија на почвата и поплавување на блиската околина. Tополовите шуми кои го претставуваат најголемиот дел од рипариската вегетација долж долна Брегалница се приоритетно станиште за заштита на ниво на ЕУ, согласно Хабитат директивата (Анекс I).
На пошумувањето присуствуваа Помошниците-директори Маре Басова и Николчо Киров, вработените од Секторот за одгледување, подигање, екологија и лов, претставници од МЕД, претставници од Фармахем, вработени од подружниците на ЈП од Штип и Свети Николе.
