Кои документи се потребни за да се пријави штета на возило од сообраќајна незгода, каде да се поправа автомобилот и како се врши исплатата на штета? Ова се некои од најчестите прашања кои ги поставуваат граѓаните во случај кога нивното моторно возило е оштетено во сообраќајна незгода.
„При пријава на штета потребно е на увид да се донесат сообраќајна дозвола, возачка дозвола и полиса за осигурување од двата учесници во незгодата, како од причинителот на сообраќајната незгода, така и од оштетениот“, вели Љупчо Поповски, проценител на штети во СН Осигурителен брокер во Битола.
Тој појаснува дека двете возила треба да се донесат на увид, со цел да се направи реконструкција на настанот за да се утврди дали постои совпаѓање во оштетувањата помеѓу возилата и да се утврди обемот на оштетувањето, односно кои делови се за поправка или замена, колку работни саати и материјали се потребни за тоа.
„Се пополнува пријава за штета, европски извештај за сообраќајна незгода и изјава за тоа како се случила незгодата. Во текот на целиот процес СН Осигурителен брокер асистира во реализацијата на оштетното побарување. Возилото оштетено во сообраќајна незгода, најдобро е да се поправи во овластен сервис на осигурителната компанија, со што се гарантира квалитетот и навременото извршување на поправката.“, вели Поповски.

По поправката на возилото, за да се изврши исплата на штета потребно е до осигурителната компанија да се достави фактура за извршена поправка од соодветниот сервис. Воедно, на увид треба да се достави возилото што е поправено, како и сите делови што се заменети во текот на поправката на возилото.
„Исплатата на штетата може да се врши на неколку начини. Првиот е со гарантно писмо, при што осигурителната компанија гарантира исплата на фактурата за поправка на возилото, а сопственикот на возилото може да го подигне возилот без да плаќа. Основ за изготвување на гарантно писмо е возилото да е поправено, да се приложи фактура за поправката до службата за ликвидација на осигурителната компанија и доколку постои основ за исплата, го изготвува гарантното писмо и го доставува до сервисот каде што се вршела поправката.“, вели тој.
Втора варијатна е кога сопственикот на возилото ја плаќа поправката на возилото во сервисот. Доставува доказ за платена фактура и во рок од 14 дена од комплетирањето на предметот средствата од обештетувањето му се исплаќаат на сопственикот на возилото.
„Исплата на штета може да се изврши и со склучување на спогодба меѓу сопственикот на оштетеното возило и осигурителната компанија, при што сопственикот не е обврзан да приложи фактура, ниту да го достави возилото на увид, за да се изврши исплата на оштетно побарување. Ова се практикува кај помали по обем штети каде што заради намалениот износ на исплата е во интерес на осигурителната компанија, а заради побрзата и поедноставна постапка при реализацијата на оштетното побарување е во интерес на сопственикот на оштетеното возило.“, вели Поповски, додавајќи дека сите прашања од областа на осигурувањето граѓаните можат да ги поставуваат и преку интернет на Фејсбук страната на СН Осигурителен Брокер, каде што брзо и ефикасно ќе добијат одговор од прва рака
