Зимскo или т.н. синото прскање е најважната превентивна мерка во заштитата на овошките. Освен кај јаболката, ваквото прскање особено е важно за коскестите овошја, а не би требало да се прескокнат ниту лозовите насади.
Како што објаснуваат стручните лица, синото (бакарно) прскање помага во спречување на разни болести и намалување на влијанието на многу штетници кои ги напаѓаат овошките.
Навременото зимско прскање ја намалува можноста за зараза со монилија, прашкастa мувла, некои видови рѓа, додека лозата превентивно ја штитиме од црна дамка.
Имајќи го предвид фактот дека штетниците мошне успешно се кријат и презимуваат под кората на стеблото и гранките на овошките, на зимското прскање треба да се пристапи внимателно и овошките добро да се испрскаат со бакарните препарати, дури и на најзатскриените места.
Пред да се пристапи на самиот чин прскање, потребно е стеблата на овошките да се подоготват за таа активност. Тоа значи дека треба да бидат отстранети сите суви и непотребни гранки, старата кора, да се исчисти овошката од лишаи и мов. Исто така потребно е и да се изретчи крошната на овошката со цел прскањето да се изврши што поквалитетно.
Треба да се напомене дека оваа активност се прави кога ќе падне лисната маса на растението и треба да се обрне внимание на временските услови. Времето да е суво, без ветер, а температурата на воздухот да е над 5 степени Целзиусови.
