Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во просториите на МЗШВ, денеска одржа состанок со оризопроизводителите кои вчера протестираа и го блокираа патот во село Облешево.
„Се догововоривме дека откупувачите ќе ја почитуваат откупната цена од 20 ден/кг за сортата Сан Андреа и 17 ден/кг за другите сорти. Скоро сите откупувачи, до МЗШВ имаат доставено ценовник согласно овие цени, со ветување дека нема да одат под договореното. Јас им ветив на оризопроизводителите дека од следната недела кога и откупот ќе биде поинтензивен, лично ќе излезам на терен и ќе ја следам состојбата, дали се почитуваат договорените откупни цени.
Како дополнителна помош, од Ковид програмата на Владата, издвоени се три денари за оризопроизводителите. Овие средства ќе бидат исплатени до 25 декември оваа година. Дополнително во текот на месецов ќе донесеме одлука дали исплатата на трите денари ќе биде по килограм предадена оризова арпа или по обработлива површина. Одлуката ќе зависи од текот на откупот а е со цел да го заштитиме оризопроизводството на начин кој ќе биде најсоодветен и најмногу во интерес на земјоделците.
На средбата разговаравме и за изнаоѓање на нови пазари како што е турскиот, кој минатата година пројави интерес да откупува наш ориз. Сите опции се отворени, веќе работиме на многу стратегии и убеден сум дека на овој начин преку дијалог и со откупувачите и со производителите, секогаш ќе ги носиме најдобрите решенија.“, рече министерот Хоџа.

