Гордана за прв пат се запознала со концептот за еколошко одгледување на пчели пред 2 години и кога ја прочитала објавата дека и кај нас ќе се организира основен курс за одржливо пчеларство веднаш одлучила да се пријави.
„Пред две години подетално се запознав со концептот за еколошко одгледување на пчели и кога ја прочитав објавата дека ќе се организира основен курс за одржливо пчеларство од Меден Исток, веднаш одлучив да се пријавам. Мојата одлука беше пред да почнам подетално да читам и да се занимавам со пчеларство, да ги научам техниките од луѓе кои целиот свој живот го посветиле на пчеларството и љубовта кон одгледувањето пчели. Сам не можеш да го научиш тоа. Иако постои литература за пчеларство, тешко е да се најде на македонски јазик и не е доволно специфична за нашата автохтона пчела Apis mellifera macedonica. Дополнително, не постои начин за практична едукација за одгледување пчели надвор од обуката која ја организира Меден Исток.“, вели Гордана.

Во текстот на веб-страницата Меден исток можете да дознаете за нејзиното искуство од обуката, како си поминала, што научила, кои се нејзините размислувања за одгледувањето на пчели и што можеме да научиме сите од пчелите.
Во интервјуто, меѓу другото Гордана го споделува своето воодушевување од начинот на организација на пчелната кошница.
„Јас сум воодушевена од начинот на организација на пчелната кошница. Нема секој да прави што и како сака и со своето однесување да штети на другите членови од пчелното семејство. Кога ќе се изведе малата пчелка, прво ќе си го исчисти местото (ќелијата) каде се родила, после ќе ги храни постарите ларви, па кога ќе се научи како се прави тоа, ќе се грижи за помладите ларви. После ќе средува во кошницата, ќе гради ќелии, и пред да ја пуштат во надворешната средина, ќе си го чува влезот на кошницата од натрапници. Дури откако ќе созрее, пчелата ќе осознае што значи грижа за семејството и колку труд е потребно да се гради и одржи стабилна кошницата, дури тогаш ќе може да излезе и да опрашува и собира нектар од природата.
Пандемијата требаше, но не нè научи, дека само преку грижата за другите, може и на нас да ни биде добро. Пчелите тоа секојдневно го прават и се грижат за нас. Зошто и ние, како човештво, да не се погрижиме за нив кога тие толку добро се грижат за нас?“
