„Чест ми е што денеска имам можност да споделам убави новости за општините Берово и Пехчево, кои се од голема важност за жителите во Малешевскиот регион. Благодарение на Амбасадата на Швајцарија и Швајцарската агенција за развој и соработка, Територијалната противпожарна единица на општина Берово и подружниците на ЈП Национални шуми, Берово и Пехчево, после долги години, денеска добија четири нови противпожарни возила, опрема за пожарникарите, дрон, како и обуки за пожарникарите за управување со дрон. Оваа донација е исклучително важна, имајќи предвид дека досега оваа единица располагаше со дотраена опрема и возила, и ќе придонесе за безбедноста на граѓаните и за заштита на нашето природно богатство, шумите. Со заеднички сили, со поддршка од нашите меѓународни партнери и преку владините програми, континуирано вложуваме во подобрување на условите за живот во секоја општина и во секој сегмент, напиша Љупчо Николовски, заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, на својот фејсбук-профил.




