Бербата на печурки во Кривопаланечко е традиција. Вообичаено стартот на сезоната започнува некаде после 20 мај, кога се појавуваат првите печурки од сортата вргањ, па потоа бербата продолжува во текот на летото, за на крај да заврши наесен со сортата есенка.
Оваа година стартот на сезоната за кривопаланечките берачи не печурки не беше многу ветувачка, речиси еден месец родот на печурки е послаб од вообичаено, ги нема како порано, кога ова време берачите беа буквално товарени со гајби полни со овој шумски плод.

Нашата соговорничка, 49-годишната Јованка, која повеќе од дваесет години бере печурки, вели дека оваа година родот е слаб, за разлика од лани.
„Станувам наутро околу 5 часот и веднаш се упатувам во шума, надевајќи се дека ќе најдам печурки, но искрено не сум задоволна, родот е слаб, едвај да се најдат два-три килограми по толку одење низ шума. Се сеќавам дека лани берев по 15-20 килограми на ден, не можеш да ги донесеш од шума, а оваа година навистина е малку, не знам на што се должи ова, дали на премногу топлото време, сувата земја или пак нешто друго“, се прашува таа.

Во потрага по печурки Јованка дневно знае да помине и по десеттина километри низ планина.
„Точно е дека секој денар е добредојден, но кон сето ова кога ќе се додаде чистиот воздух кој го вдишуваш наутро, песната на птиците, тишината на шумата и мирот и спокојството кое доаѓа овде, за тоа нема цена“, објаснува Јованка.
Моментално на откупните пунктови цената за откупен килограм печурки изнесува 150 денари и тоа онаа која ја рангираат во прва класа, поубавата, поздрава и поквалитетна, додека оние со послаб квалитет, или како што ги нарекуваат втора класа, се продаваат за половина цена.

Во потрага по печурки оди и по 15 километри дневно, вели дека знае точно на кое место треба да бара.
„Вргањот го има околу дабот и буката, покрај нивните корени, а ливадската печурки ја наоѓам во тревите. Задолжително треба да се носат чизми до колена, поради не дај боже одбрана од змии, кои можат да се сретнат често во ридовите и високите треви“, појасни таа.
Бербата на печурки е предизвик за кривопаланчани, мало гратче на Североистокот каде што нема многу индустрија, животната средина е чиста, сѐ е обвиткано во зеленило и шума. Берачите уште рано наутро, со автомобили, џипови, мотори, организирано или сами се упатуваат во шумата, се оди угоре високо по планина и на надморска височина и над 1.200 метри.

И другите берачи со кои контактиравме ни рекоа дека цената како за почеток не е баш идеална, зашто паметат времиња кога еден килограм вргањ се откупувал и за 400 денари, за разлика од сега кога цената е 150 денари, по која цена се откупува и лисичарката. Но сепак велат имало и ситуации како лани, кога имало многу печурки, па откупувачите ја урнале цената на само 60 денари за килограм, а некои пак дури и прекинале со откуп поради натрупаните количини. Велат сега цената е ваква, но за време на шпицот во август се очекува да падне.
Во еден од откупните пунктови со кои контактиравме ни рекоа дека моменталната цена за откуп е 150 денари за килограм вргањ прва класа и 130 денари за килограм лисичарка, а дневно се откупувале од 300-500 килограми од повеќе делови од градот и селата.

Само за потсетување, минатата година како што дознаваме од разговорите со сопствениците на откупните пунктови, дневно за првата берба во мај-јуни се откупувале по околу 3-4 тони дневно од пет до шест пункта на подрачјето на Кривопаланечко, додека во месец август со појавата на дубичарката се откупувале и до 12-13 тони на ден свежи печурки. Нѐ информираа дека поголемиот дел со камиони ладилници заминувале за извоз најчесто во Италија, Франција, Португалија, Германија, а помал дел останал за домашниот пазар, за потребите на трговските синџири и угостителите и тоа во свежа и сушена состојба.
