Рокот за пријавување за земјоделски субвенции е продолжен до 30 јуни 2021 година.
Во Подрачните единици на МЗШВ, со почитување на протоколите за Ковид, секојдневно земјоделците поднесуваат апликации за користење на средства од програмата за директни плаќања.
Еден од ние е сточарот Амит Абдуловски од село Држилово кој чува 180 овци и за кои редовно изминатите години зема субвенции.

-Редовно се пријавувам и добивам субвенции. Можам да кажам дека многу ми помагаат но би апелирал да ни ги даваат порано, во есен, за да може да купиме храна за овците – вели за Агротим, Абдуловски.
Како најголема пречка за пријавување за субвенции, земјоделците ги посочуваат нерешените имотно правни односи и токму поради тоа прават напори да го надминат тој проблем, што го потврдуваат и вработените во Подрачните единици на МЗШВ со зголемениот број на нови апликанти.

Секоја година има нови кои се пријавуваат, тоа се должи на средување на имотно правните односи, ги спроведуваат имотите на свое име и ги внесуваме во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, се исцртуваат парцелите во системот за идентификација и во друг софтвер поднесуваме барање за субвенции и тоа го доставуваме до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој – изјави за Агротим, Младен Колариќ, раководител на ПЕ Кисела Вода во Скопје.

Тој информира дека има одреден процент на земјоделци кои сами аплицираат електронски од дома, а тие им помагаат телефонски доколку имаат потреба. За сите нив потсетување дека електронското барање треба да го испечатат и да го однесат во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Додека на тие земјоделци кои пријавуваат во Подрачните единици на МЗШВ, по службена должност барањата се доставуваат до агенцијата.

