MATRIX GROUP е фирма од Ресен која повеќе од 20 години се занимава со увоз и извоз на земјоделски производи. Во моментов актуелен е увозот на лубеници наменети за домашниот пазар но и за пазарот на соседните балкански земји.
Околу побарувачката и увозот на лубениците разговаравме со менаџерот за продажба во MATRIX GROUP, Исмаил Мехмед.

– Од каде се увезени лубениците кои ги продавате во овој период?
И.М: Па можам да ви кажам дека годинава дури и малку покасно ги донесовме лубениците, но тоа е поради ладното време што беше појава речиси насекаде. Инаку Европските земји почнуваат со увоз на лубеници уште во јануар и тоа од Иран. Овие лубеници се од Турција, поточно од областа Анталија каде првите лубеници најчесто се произведуваат веќе во март. Покасно април – мај лубениците излегуваат во областа Адана, а сега во мај веќе ќе почниме со увоз на лубеници од Пелопонез –Грција кои инаку се едни од најквалитетните лубеници воопшто.

-Како ги произведуваат лубениците во овие земји?
И.М: Лубениците во Турција во овој период од годината се произведуваат во затворен простор, поточно во пластеници, а нешто покасно започнува и производството на отворено.

– Дали има заитересирани купувачи, каде најчесто се продаваат овие лубеници и колкава е нивната цена?
И.М. Кај нас има интерес но не толу многу. Високите цени на давачките околу увозот на лубениците го намалуваат интересот. Од овие количини што ги увeзевме годинава испративме одредена количина во некои супермаркети во Скопје и одредена количина за Струмица. Цената на големо и не е толку висока за овој период од годината односно моментално изнесува од 53 до 55 денари за килограм. Оваа цена се очекува во наредниот период да се намалува.
Во моментот интересот е поголем кај соседните земји од кои би ги споменал најмногу Србија и Бугарија, а исто така и во Хрватска. Таму најмногу се бараат долгнавестите лубеници за кои увозниците се сигурни дека станува збор за чиста сорта на лубеници и сигурни се дека не станува збор за калемени од тиква или нешто слично.

