Вчера се одржа првиот состанок на Координативното тело за поддршка и одржлив развој на Преспанскиот Регион, со што започнува процесот на засилена реализација на проектите кои се планирани во овој регион.
Премиерот Заев ги повика и охрабри сите членови на координативното тело да ги поддржуваат сите проекти од национално, како и од меѓународно значење за регионот, да ги гледаат и од перспективата на Договорот од Преспа, со кој се премостени речиси три-децениските разлики со Грција и се обезбедени перспективите на Северна Македонија во евроатлантските и европските интеграции.
Меѓуресорското координативно тело, кое е составено од претседател и 13 членови, активно соработува со Делегацијата на Европската Комисија во Скопје, како и со другите државни институции и локалната самоуправа на Ресен за поттик на социо-економскиот развој на Преспанскиот Регион со особено внимание за создавање можности за урбаните и руралните области на Преспа.
Премиерот Заев исто така истакна дека тоа се двете главни придобивки, кои произлегоа од историскиот договор и тоа: нашиот заштитен идентитет во рамките на меѓународното право да се идентификуваме како Македонци, кои зборуваат македонски јазик и се потврдија нашата култура и културно наследство.
„Дополнително, духот на Договорот од Преспа е инспирација и за други прашања што ги поврзуваат народите во овој регион и во Европа, со единствена и заедничка цел – зајакнување на добрососедските односи, согласно европските вредности и меѓународното право, а со тоа и заедничката иднина на генерациите за чии перспективи сме одговорни ние“, рече Заев и посочи дека од особена важност е и проектот „Мултимедијален центар за младите и заедниците“. Центарот, соодветно на самата симболика на Преспа ќе биде место каде што во иднина ќе се организира Меѓународниот форум за дијалог и соработка – Преспа Форум за дијалог, за кој, подвлече премиерот Заев треба да се вложат сите напори за да добие идентитет и бренд, кој ќе биде врзан за Северна Македонија како држава креатор на нова политика која за своја перспектива го има креирањето иднина базирана на соработка, разбирање и дијалог.
Премиерот Заев како исклучително значајни ги посочи и фокусирањата кон промоцијата на огромните потенцијали за развој на туризмот, како можност за афирмација и дејност на локалното население, како и имплементација на мерките што треба да се преземат за надминување на актуелната состојба со водите на Преспанското езеро и динамизирање на проектот за комплетна заштита на Преспанското езеро поддржан од Европската Унија, инициран од трите земји, Северна Македонија, Грција и Албанија.
„Нека зрачи Преспа со решенија за мир. Оваа визија е споделена со нашите пријатели и партнери од Албанија и Грција, од централната власт и локалната самоуправа на нашите соседи, со што ги потврдиме вредностите што произлегоа од модерните и демократски начини на решавање на проблемите и кои наидоа на целосна поддршка и одобрување од страна на ЕУ и пошироко“, подвлече Заев.
